Владимир Ѓукановиќ, дел од раководството на владејачката Српска напредна партија (СПП) предупредува на можен конфликт на Балканот и создавање на воен сојуз меѓу Загреб, Приштина и Тирана, на кој во одреден момент би можела да му се придружи и Бугарија со нејзините аспирации и амбиции за Македонија и југоисточна Србија, во зависност од тоа кој е на власт во Бугарија.
Тој, во уреднички текст за денешниот весник „Политика“ вели дека кога ќе има отворен воен конфликт меѓу Русија и Европската Унија, и кога е сосема јасно дека овој конфликт едноставно мора да се случи, во тој момент Србија ќе биде нападната од овој сојуз и војната ќе биде неизбежна.
„Ракавициве се симнати, а нашата шанса да го зачуваме мирот се мери според тоа колку сме подготвени за сериозен конфликт. Колку сме поподготвени, толку е поголема шансата да го одвратиме секој потенцијален агресор од помислата да нè нападне“, рече Ѓукановиќ.
Хрватска, Албанија и Косово потпишаа декларација за одбранбена соработка на 18 март 2025 година во Тирана. Ова е трилатерална одбранбена и безбедносна соработка меѓу трите земји, што ја потпишаа министрите за одбрана на трите земји на состанок во Тирана.
Документот предвидува зајакнување на одбранбените капацитети со цел подобрување на воените капацитети на секоја земја преку соработка и координација, создавање услови за поефикасен одговор на заканите за националната и регионалната безбедност и развој на одбранбената индустрија и заедничките технологии.






