Човек со огромна експлозија на енергија – Комеморација за Кирил Поп Христов – Кили

Фото: Вангел Тануровски

Многу љубов, емоции, анегдоти, солзи, насмевки и голем аплауз на комеморацијата за актерот Кирил Поп Христов-Кили, која се одржа денес во неговата матична куќа МНТ. Колегите се присетија н многу моменти кои ги помнале со него, необични, каков што бше и самиот тој, а и се потсетија на се она што тој остави зад себе. А остави многу за паметење и за раскажување.

-Како што тој би рекол „почитуван публикуме“. Сите го знаевме и го сакавме и се уште го сакаме. Тој беше неповторлив и единствен. Оној кој целиот свој живот го посвети на уметноста. Живееше и твореше со театарот, филмот, телевизијата, музиката. ​Беше онаа ѕвезда која го исполнува секојдневието со својот карактеристичен излив на емоции, бунтовност во сето свое битие и маестрално подготвени улоги. Човек со огромна експлозија на енергија која ни ја пренесуваше нам, колегите, и тука на сцената и по публиката. ​Адекватни изјави пропратени со неговата препознатлива гестикулација, изрази на лицето… беше фраер којшто имаше харизма до небото. ​Јас имам текст пред мене кој го читам, но да беше оваа свеченост од друг тип, сигурно Ќили ќе се појавеше од некаде и ќе кажеше: „Маестрално, среќо, али немој бе ме јебеш“. Духовитост беше човек кој кога ќе седнеш на пијаното, се претвораше во музичар од светските сцени на кои е достоен. Некој препознатлив стил. Човек кој трагаше по слободен простор без застанување. Човек полн љубов. ​Е таков човек не може да не остави една голема празнина зад себе, рече Арна Шијак.

За Кили раскажа и неговата колешка и другарка уште од студентските денови Даница Георгиевска.

-Беше партнер на сцената, наш добар другар уште од факултетот, од нашите студии. Можам да кажам дека Кили беше посебен. Не само посебен, туку меѓу посебните беше тој најпосебен. ​Со неговиот мултиталент, неговите способности на сцената, во музиката, во уметноста општо. Покрај неговите изиграни улоги, одлични улоги изиграни, он знаеше да го чува и да го следи својот животен лик – ликот на Кили. Он гордо и храбро го чуваше и го играше до крај ликот на Кили. Луѓето не г познаваа, ќе кажеа немаше влакна на јазикот, но тој беше многу кревок, многу посебен. Да бидеш во класа со Кили, тука би го спомнал и Илјаз, Тања Кочовска, Владо Лазовски, Рефет Абази, Валентина Божиновска, јас… Тоа беше една класа, ретка класа, каде што секој беше различен, секој талентиран, секој имаше да даде многу. ​Но, Кили и Илјаз, што можеа да направат во самата класа, тоа беше уживање. Тоа беа настани коишто можеа само нам да ни се случат во класата, рече Георгиевска.

Кили дипломирал во 1989 на Факултетот за драмски уметности во Скопје на отсекот за актерска игра во класата на проф. Љубиша Георгиевски. Од 1993 до 2014 работи во МНТ, а во 2018 повторно се враќа на истата сцена, оставајќи значаен белег во институцијата како дел од актерскиот ансамбл.
Во текот на богата театарска кариера оствари бројни улоги во претстави на сцената на МНТ, меѓу кои
и Дон Хусман во „Свадбата на Фигаро“ , Антинор во „Троил и Кресида“ , Пејач во „Мара/
Сад“ , Мик во „Домар“ , Крсто во „Ослободување на Скопје“ , Џиги во „Павилјони“, Џокер Мори Шербијак во „Бетмен – враќањето на црниот витез“, Осман бег во „МКС“, Микољка во „Злосторство и казна“ , Стево во „Бунт во домот за старци“ , Срета во „Народен пратеник“, Јохансон во „Соната на сеништата“ , Александар Македонски во „Крик“ , Ѓурко во „Зора на истокот“ , Принцот Едвард во „Ричард Трети“, Петар во
„Гнев Божји“, Илија во „Антица“, Еди во „Луди за љубов“, Мишка во „Ревизор“, Пијанистот во „Баал“….
Тој оствари значајна кариера и на филм и телевизија, беше дел од филмовите „Еј“, „Скопје ремиксд“, „Панкот не е мртов“, „Самитот на шаманите“, „Бал-кан-кан“ (2005), „Збогум на дваесетиот век“ (1998), „Преку
езерото“ (1997), „Нечиста крв“, „Македонска сага“, „Тетовирање“ …
Беше дел од телевизиските филмови „Марика лета со авион“ и „Пикасо“ и серииите „Досие Скопје“, „Во светот на бајките – Трите светски камења“, „Македонски приказни – Христос и комарџијата“, „Трст виа Скопје“ и „Бумбари“. Беше и композитор на филмот „Судијата“ во режија на Жанета Вангели.

Кили почина на 11 март во Еквадор, на 58 години.

(В.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ