„На секои 10 минути една жена е убиена, од некој што го познава“, „Милиони деца растат без можност за образование“, „Ова не е светот што ни се случува, ова е свет што го дозволуваме“, „Тишината е насилство“… Ова се само дел од пораките кои беа испратени на шоуто „Глумците пеат“, кое се одржа вчера вечерта во МНТ.
Задоволство беше да се биде дел од ова шоу, кое на малку емотивен, малку шеговит начин не потсети на многу стари и понови македонски хитови.

„Ова не е забава, ова е меѓународен празник“ рече дел од актерската екипа на почетокот, потсетувајќи дека творецот на ова шоу, Марин Бабиќ, почетокот го поврза за 27 март, Меѓународниот ден на театарот.

А се слушнаа многу песни кои ја разгалија публиката. „Дал да плачам ил да пеам“ од „Биз без“, „223305“ од Драган Мијалковски, „Ноќна кралица“, „Ти си проблем“ од „Студени нозе“, „Наташа од трето три“ од малиот Леонид Ристов, „Галеб тажен“ од Верица Ристевска, „Диско пар“ од Зорица Милосављевиќ, кој им даде поддршка од публика, „Се што сакам“ од Симеон Гугуловски, „Морска ѕвездо“ од Тоше Проески, „Штом се сака“ од Верица Ристевска, „Емил врати се“ од Ана Костовска, „Лесно ко 2 и 2“ од Ноне Неделковска, „Доволно луд“ од Лидија Кочовска и многу други.

На сцената продефилираа многу помлади и повозрасно актери,кои после секој настап добиваа огромен аплауз. Петар Горко, Сања Арсовска, Весна Петрушевска, Рубен Муратовски, кој настапи со своите синови, Емилија Мирчевска, која е бремена и која ги разнежни сите со голото стомаче, Александра Трајковска, Нина Деан, Нина Елзесер, Стефан Спасов, Игор Ангелов, Гордана Ендровска, Катерина Илиевска, Калина Наумовска, Билјана Драгичевиќ-Пројковска, Горан Ников, Марина Поп-Панкова …

Интересна беше изведбата на песната „Љубов запеј ни“, која во 1991 годдина на „Макфест“ ја испеаја Лидија и Тања Кочовска, Игор Џамбазов и Џон Илија Аплегрин. Тања, која шоуто го следеше од публика, рече дека може да помогне, па се прекачи од ложата и по 35 години ја запеа заедно со колегите.

Наталија Теодосиева ја пееше „Лесно ко 2 и 2“ и во песната се обиде да ја долови Ноне Неделковска, пеејќи го симпатичниот акцент од оригиналната верзија. Го видовме и Гиш во женска верзија, а Стефан Спасов ја отпеа и песната „Баба Зумбула“ од филмот „Бал-кан-кан“.

Ова се само дел од настапите, кои беа посебни на свој начин, а придружувани од големиот оркестар со кој диригираше маестро Љупчо Мирковски. На крајот на шоуто беа повикани и заслужните од зад сцена, кореографијата на Олга Панго, костимографијата на Марија Пупучевска, режијата на Дејан Пројковски. Дел од шоуто беа и придружни вокали Ана Костадиновска и Теа Богатинова.

И на крај секако браво за Маја и Ира Бабиќ, кои направија вистински чекор кога шоуто го возобновија во 2023 година, го продолжија аманетот на татко им, кој кога го создаде во далечната 1993 година, знаеше дека прави нешто што ќе трае, што ќе се гледа, сака и почитува, бидејќи е единствено…
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски






















