Опозициските пратеници поднесоа законски измени за намалување на патарините за 50%

Со потпис од 18 пратеници од коалицијата предводена од СДСМ, во Собранието на 19 март е поднесен Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта, по скратена постапка, со кои се предлага намалување на цените на патарините на сите наплатни места.

Со предлог измените, патарините за патувањето од Штип до Скопје и обратно, наместо сегашните 320 денари се намалуваат за половина и ќе чинат 160 денари, односно по 80 денари во двата правци за три наплатни места. Идентично е преполовувањето на патарините на сите други наплатни места низ државата.

Предложени се пет категории на патарини и за Категорија 1, односно за возилата на две тркала, кои би имале најниски патарини. Се предалга дневна карта и намалување на износите за безконтактна смарт картичка на 100 денари, која сега изнесува 300 денари, додека цената за тагот да остане иста – 1200 денари.

Сепак, во предлог законските измени нема предлог за воведување на годишни или полугодишни карти, односно винети, како во некои од земјите во регионот и пошироко.

Патарините се значаен извор на приходи во касата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Лани биле наплатени близу 67 милиони евра од патарините.

Меѓу предлагачите на законските измени е и Благој Бочварски, во чие време како министер за транспорт и врски беа воведени патарини на патни правци со сегашната цена на патарини, како и тогашниот вицепремиер Фатмир Битиќи и тогашни членови на Владата, како Венко Филипче, Оливер Спасовски и други. Според важечкиот, Владата е таа која со одлука ја одредува висината и начинот на наплата на патарина. Сега со законските измени, се бара тоа да го регулира закон донесен во Собранието.

Целта на предлог-законот, според предлагачите,  „е да се намали висината на износот на патарините прилагодена на претходно наведените состојби и начинот на наплата на истите да биде утврден со закон“. -Основните решенија во предлог-законот одговараат на моменталната економска состојба. Сметаме дека ова решение е во насока на задоволување на целите на овој предлог-закон“, стои во предлогот.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ