Една недела грејс период на опомени, по што двете возила со инсталирани камери низ улиците на Штип ќе почнат да ги „ловат“ непрописно паркираните возила и тие што се паркирани, а не платиле. Денеска беа промовирани хибридните возила, со кои Штип и ЈП „Стипион 2011“ воведува нов, смарт модел на евиденција и наплата на паркирањето.
-Целта да се изолираат злоупотребите и да се ограничи човековата одлука. На дигитален начин со камери визилата ќе ги отчитуваат регистерските таблички на возилата и ќе доставуваат информации дали е платено паркирањето. Со ова очекуваме да се намалали сообраќајниот метеж и злоупотребата при паркирање, да се изостави можноста да се носи одлука преку човечки фактор, рече градоначалникот Иван Јорданов.
Со воведувањето на возилата, Штип станува првиот град во државата, кој дигитално ќе го следи и контролира паркирањето преку софистициран модел на управување.
-Нема повеќе „селективни“ казни или прогледување низ прсти. Системот е објективен и подеднакво важи за сите, соопштија од „Стипион 2011“.
Директорот Панче Стефановски кажа дека во деновиве додека возилата тргнале во пробна контрола, наишле на голем број на прекршувања.
-Имавме огромен број на возила кои во даден момент користеа позиции без наплата или непрописно беа паркирани , но како мининува употребата на возилата, се намалуваат прекршувањата. За почеток, првата недела ќе делиме опомени со напомемни за начинот на плаќање на паркинг. Хибридни возила во реално време е испраќаат информации на софтверот кој ќе евидентира кои од возила се непрописно паркирани и немаат наплата. Ако и при второто евидентирање овие возила немаат наплата, ќе бидат санкионирани со блокатор или издавање на наплатен билет, изјави Стефановски.
Во Штип наплатата на паркингот е преку СМС порака, мобилна апликација или официјалната веб-страница и терминали за наплата лоцирани во локалните тобако центри низ градот.







