„Господски“, така е насловена турнејата на пејачот Владо Георгиев, во чии рамки е и концертот во Скопје на 24 овој месец. Одложен концерт, бидејќи првиот датум, минатиот месец Владо го откажа.
Ова е недела на жалење, не за пеење, рече тогаш Владо, бидејќи беше недела кога се наврши една година од трагедијата во Кочани.
Тој денес се сретна со новинарите, но наместо класична прес конференција предложи да биде лаф-муабет, бидејќи, како што кажа, мрази формалности.

-Тажно е што новинарите заборавија на средба очи во очи. Не сакаат да излегуваат од канцеларија, интервјуа прават дигитално. Ќе ми се јават и ќе ми речат: „Ти пратив прашања“?! А јас тоа не го сакам. Јас сум човек кој сака да се дружи, рече тој.
Владо е чест гостин во Македонија, но на помали настапи, во клубови, додека овој концерт во СРЦ „Јане Сандански“ е по подолго време.
– Јас лично често доаѓам и свирам во Македонија, но главно тоа биле некои свирки помали, но голем концерт мислам дека Скопје заслужи. И се надевам дека сите ќе дојдете на 24-ти да пееме и стари хитови, и малку помлади хитови и да чуете и нешто ново. Мразам формалности. Ајде малку да свртиме на шега и да бидеме спонтани. Ништо не е забрането кај мене. Кај мене нема цензура, може сè да се праша и може сè да се каже. Секој има право да прави што сака. Сите сме се родиле сами, рече тој па се зафати со глобални теми што го нервираат.

-Носат некои глупави закони… Еве во Србија има предлог-закон да ви забранат гласна музика во вашиот сопствен автомобил. Можете ли да поверувате? Па добро, нас треба да нè малтретираат овде. „Safe City“ (Безбеден град)… Видете како фино смислиле име – „Safe City“. Всушност, цело време ве снимаат и ве шпионираат. Сфаќате? И ставаат „face detection“ (препознавање лица) камери кои се забранети. На кои не сме се согласиле. Тоа е неуставно и во Македонија и во Србија. За време на короната во Белград се вградени 1500 камери. Па вие и понатаму верувајте дека короната навистина беше корона и дека сè беше така, рече Владо, па се зафати за вакцините.
-Се разбира дека не се вакцинирам и на сите им препорачувам да не го прават тоа. Бидејќи ова е потполно бесмислено. И немојте, ве молам, само да ми кажете дека верувате дека Артемис 2 летал околу Месечината, а хромаки се гледа во очите… Немојте ве молам, само тоа. Тоа задржете го за себе. Ако ви е убаво да верувате – супер. Ако не, имате да видите каде се поместил вентилаторот, па им паднала косата, каде никогаш не ја покажале другата страна… И како таа го поправила тоалетот… Немојте ве молам, рече Владо.

За да не се претвори муабетот,како што рече тој, во антиглобалистичко, се префрливме на музиката. Владо има многу хитови со длабока емоција, па оттаму и прашањето кога има најголема инспирација.
-Ноќ. Зошто? Затоа што е докажано дека ноќе луѓето имаат засилени емоции. А постои уште една работа – јас тогаш сум буден, а сите спијат. Никој не ме прекинува. Еве ќе ви кажам една анегдота… На времето изнајмив студио Херцег Нови преку лето, бидејќи цело лето го поминувам таму. Се враќав накај студио и во автомобилот добив идеја за песна. Ми свиреше песна во главата и ми доаѓаше текст. Тогаш уште беа оние „Nokia“ телефони, немаше „voice recorder“, не понесов диктафон, немав молив, не знаев што да правам. Брзам во студио да ја запишам и кога дојдов пред студио, ме среќава жената што ми го издава просторот: „Чао Владо, еве има сметка за струја“ и продолжи да ми раскажува за некои глупости и мене песната ми отиде и никогаш повеќе не ми се врати, рече тој и додаде:
-Тоа е едноставно така. Кога доаѓа инспирација, најмалку очекувате дека ќе дојде. Мислам, тоа се однесува на нас кои пишуваме, а не само на оние кои интерпретираат. Стварно е незгодно ако ве некој прекине, ако ви ја земе нишката – таа си оди и нема да се врати. Како кај мене таа песна никогаш повторно не ми текна, кажа Владо.

Бидејќи живеме во дигитално време, а Владо и самиот кажа дека го нервира, се прокоментира и за вештачката интилигенција, која длабоко е навлезена во музиката.
-Вештачката интелигенција се трудам да не ја користам. Притоа, страшно ме нервира што тоа е всушност сублимирано сè што е некогаш напишано на интернет и што можете да добиете потполно различен одговор само ако вие покажете дека имате друг агол на гледање. На пример, јас го прашувам ВИ дали луѓето биле на Месечината, тој вели ’Да, Нил Армстронг слета во 1969-та…‘ Добро, му велам, а знаеш ли дека никогаш никој не бил на Месечината? Тој одговара: ’Во право си, всушност не постојат вистински докази дека некогаш луѓето биле. И јас истото го мислам, дека луѓето никогаш не биле на Месечината. Значи ВИ едноставно оди онака како што вие го наведувате и ја зборува таа приказна. Океј е да прашаш ВИ за некој податок што ти треба инстант, но да бараш нешто креативно од него – никогаш ништо не ми се допаднало. Дури купив еден музички програм кој беше многу популарен за да го научам мојот звук, бидејќи забележав дека масовно новите песни звучат исто. Имаат потполно ист звук, колорит на звукот – значи потполно ист софтвер. И тоа што се слуша како некоја жива гитара, всушност не е. И всушност исто така звучи гитара во друга песна кај некој друг, петти и десетти. И го купив тој програм само за да го научам. Трипати го вклучив…

Тоа е програм каде што вие му задавате нешто, а тој дава илјада предлози. Кој не е музичар, кој не прави аранжмани, кој не компонира – тој се потпира на тоа. Тоа веќе не е музика, туку формат. Значи, ВИ стварно станува сериозен проблем во секоја смисла. Сериозно се меша во музиката, сериозно се меша во дизајнот. Погледнете кога некој сега нешто дизајнира во ВИ – сè е исто. Не знам дали забележувате, но веднаш се гледа дека е или ChatGPT, или Midjourney, или некој кинески пакет што чини толку и толку месечно и така натаму, објасни Владо и додаде дека тој сепак е за живо свирење.
-Значи, тоа е проблемот, се губи таа оригиналност и се губи таа емоција која само човекот може да ја внесе. Колку и да е тоа совршено направено технички, секогаш му фали тоа нешто. А тоа нешто е душата.
Јас сум поборник за тоа дека музиката треба да се свири во живо, со вистински инструменти. Затоа на моите концерти секогаш има голем бенд, секогаш сè е во живо. Нема матрици, нема лажење. Луѓето тоа го препознаваат и затоа доаѓаат на концертите. А што се однесува до Скопје, јас навистина едвај чекам. Македонската публика е многу музикална, знае да препознае квалитет и знае да возврати со емоција. Тоа е таа размена на енергија која ме држи сите овие години. Без тоа, оваа работа не би имала смисла.
И се надевам дека ќе направиме една незаборавна вечер. Ќе има многу изненадувања, ќе има гости… Но, најважно од сè е да се дружиме и да уживаме во музиката. Бидејќи музиката е она што не спојува сите, без разлика на граници, политики и сè останато што се обидуваат да ни го наметнат, вели тој.

Владо вели дека токму Скопје одговара на неговиот сензибилитет.
-Скопје има некој специфичен мелос и дух кој е многу сличен на мојот сензибилитет. Тука луѓето не доаѓаат на концерт само за да ве видат, туку доаѓаат да учествуваат. Македонците се народ кој пее од срце, кој ја разбира тагата и радоста во песните на еден многу искрен начин. Има многу пријатели тука, поминати ноќи во кафани, многу смеа и секогаш кога доаѓам, се чувствувам како дома. Концертот ќе биде микс. Не можете да дојдете во Скопје и да не ја испеете „Анџеле“ или „Шта би пријатељи моји“. Тоа се песни што ја обележаа мојата кариера и кои публиката ги сака. Но, исто така сакам да им го претставам и она на што работев последно. Сакам луѓето да ја видат еволуцијата во звукот, иако, како што реков, секогаш останувам доследен на живиот инструмент и на органското создавање музика. Сакам да дојдат со отворено срце и добра енергија. Јас и мојот бенд ќе го дадеме максимумот на сцена. Ќе биде тоа една долга, емотивна и пред сè „господска’ вечер“, токму како што се вика и турнејата. Ве чекам сите таму, рече Владо.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски




