На 26 април 2026 година (недела), со почеток во 10:00 часот, во Штип ќе се одржи Superior Runs 2026, градска трка која оваа година го има своето четврто издание.
По успешните претходни изданија, Superior Runs прерасна во настан што привлекува голем број учесници, посетители и поддржувачи од цела Македонија и од соседните земји. Минатогодишното издание остави силен впечаток, донесе одлична атмосфера, голема енергија и масовна посетеност, а оваа година на стартот се очекуваат над 1.200 учесници, што уште еднаш потврдува дека трката станува еден од најзначајните спортски
настани во градот.
Трката ќе започне од центарот на Штип и ќе се одвива по кеј „Маршал Тито“, ул. „Васил Главинов“, ул. „Генерал Михајло Апостолски“ и ул. „Христијан Тодоровски Карпош“, со враќање на стартната позиција. Ќе се трча на 5 и 10 километри, при што рутата за 10К се истрчува двапати. Поради одржувањето на трката, ќе има изменет режим на сообраќај и затворање на поголем дел од улиците во централното градско подрачје.
Во таа насока, ги известуваме граѓаните дека:
● од сабота, 25 април, во 14:00 часот, платформата наспроти трговскиот центар
треба да биде целосно ослободена од паркирани возила;
● на денот на трката, недела 26 април, ќе бидат затворени поголем дел од улиците
во централното градско подрачје, односно улиците по должината на патеката;
● сообраќајот ќе биде времено пренасочен и регулиран согласно предвидениот
режим.
За безбедно одвивање на настанот ќе бидат ангажирани редари, волонтери, приватно
обезбедување, полициски службеници и возила на Итна медицинска помош. За време на трката ќе биде овозможен и посебен режим на движење за возилата на Итната медицинска помош, со однапред дефинирана маршрута до Клиничка болница – Штип. Дел од ул. „Христијан Карпош“, на потегот од крстосницата со ул. „Трст“ до спојот со мостот кај ул. „Генерал Михајло Апостолски“, ќе биде физички одделен со пластични конуси или заштитна лента, со цел непречено и безбедно одвивање на интервенциите и движењето на тркачите.
Воедно, се упатува молба до сите граѓани навремено да ги отстранат своите возила од улиците по должината на патеката, со цел непречено и безбедно одржување на трката. Организаторите апелираат до граѓаните за разбирање, трпение и поддршка, со оглед на тоа што станува збор за настан кој го промовира спортот, рекреацијата и позитивниот дух на градот, информираат од Здружението „Супериор Ранс – Стани, Трчај” Штип.



