„Умре другарот Тито!“ е реченицата што ја изговори водителот Миодраг Здравковиќ со солзи во очите на ТВ Дневник на денешен ден точно пред 46 години. Сите во СФРЈ плачеа, тоа беше вистинска трагедија, иако се знаеше дека Јосип Броз е тешко болен.
Години подоцна, до ден денес, неколку историчари, биографи и теоретичари на заговор упорно ја изнесуваат идејата дека Јосип Броз Тито всушност починал месеци пред 4 мај!
„Јосип Броз Тито е мртов“ е пораката што Советот за одбрана на уставниот поредок на СФРЈ наводно ја испратил во најголема тајност на 14 февруари 1980 година до разорувачот „Сплит“, кој се наоѓал во водите на Црното Море. Набрзо била повлечена, а причината е што лекарите, според некои тврдења, го поврзале веќе клинички мртвиот Броз со машините сè додека врвот на државата не одлучи што да прави по неговата смрт и како да ја зачува стабилноста во земјата.
Клиничкиот центар во Љубљана наводно само чекал на кодираната порака „Натпреварот започна“, што го означило моментот да се објави на јавноста фактот дека Тито е мртов. Сепак, според теориите, претседателот на СФРЈ не издржал и наводно починал пред зори на 19 февруари 1980 година.
Меѓутоа ги побил сите теории на заговор проф. д-р Предраг Лалевиќ, анестезиолог и хирург кој се грижел за здравјето на Тито 16 години.
-Времето што тогаш го објавивме како време на смртта на Тито е точно до секунда. Тогш почина, а сè друго е глупост. Јас лично ги исклучив неговите уреди. Бев негов лекар од 1964 година до неговата смрт, и се сеќавам само на добри работи – изјави Лалевиќ за Курир и во таа прилика потврди дека Јованка никогаш не го посетила Тито во болницата во Љубљана.
Тито беше водач во борбата против окупаторот од 1941 до 1945 година. Беше долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Југославија и командант на нејзините оружени сили од крајот на Втората светска војна до смртта во 1980 година. Беше еден од основачите на Движењето на неврзаните, во кое беа обединети земји од неколку континенти кои не припаѓаа на ниеден од двата доминантни блока во тоа време, западен и источен блок – НАТО и Варшавскиот договор.
Мислењата за неговата улога и дело се спротивставени – за едни Тито е симбол на социјална правда, подобар и посигурен живот, голем надворешнополитички углед, а за други – диктатор со огромна политичка моќ кој се пресметувал со политичките неистомисленици.
Јосип Броз Тито почина на 4 мај 1980 година во Клиничкиот центар во Љубљана. Погребан е на Дедиње во Белград во Куќата на цвеќето. На погребот присуствуваа повеќе од 200 државници и истакнати личности од целиот свет. Голем број граѓани од републиките на поранешна СФРЈ сè уште доаѓаат на неговиот гроб. Куќата на цвеќето досега ја посетиле повеќе од 20 милиони луѓе.




