Кривична за девојчињата кои го гореа со цигари девојчето од Ѓорче Петров, следуваат пријави и за родителите

Кривично да одговараат малолетничките кои извршија насилство врз девојче во паркот во Ѓорче Петров, предлага МВР во пријавата до Обвинителството.

Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров при СВР Скопје до ОЈО Скопје на 29 април поднела кривична пријава против четири малолетнички (една 17- годишна и три 14-годишни) сите од Скопје,  поради основи на сомнение дека извршиле две кривични дела „насилство” предвидено и казниво по член 386 од КЗ.

-Во два одделни настани, на 27.03.2026 и на 30.03.2026 година пријавените физички нападнале 13-годишна малолетничка, а видео запис и фотографии од настаните биле објавени на социјална мрежа. Кривичната пријава е доставена до ОЈО Скопје и се постапува согласно Законот за правда за децата, стои во пријавата.

Во текот на утрешниот ден СВР Скопје ќе поднесе кривична пријава и против родители на инволвираните малолетници.

Случајот со бруталното насилство врз девојче од страна на други малолетнички уште еднаш ја запрепасти јавноста со начинот и интензитетот на кој е извршено делото. Додека јавноста осудува, од училиштето и надлежните речиси и да нема никаков јавен одговор.

Партијата Левица денеска изнесе информациите дека родител на малолетничката која го предводи насилството е партиски вработен кадар во Општината. Според тврдењето на Левица, „тоа е лице вработено директно од штабот на ВМРО-ДПМНЕ и за краток период позиционирано на повисока функција“.

„Во таа насока, „мерките“ што се преземени не се насочени кон расчистување на случајот, туку кон негово заташкување: бришење на фотографии со конкретното лице, инструкција истото да не се појавува на работа одреден период, координирано отсуство на целиот сектор за образование токму на седница на Комисијата каде се знаеше дека ќе се отвори прашањето за врсничкото насилство, отсуство на градоначалникот од седницата по случувањето, паѓање односно нефункционалност на веб-страницата на Општината по што исчезнуваат информации поврзани со вработената. Во меѓувреме, состојбите во училиштето не се подобруваат. Напротив, според нашите информации, малолетниците инволвирани во бруталното насилство добиваат можност да одат на екскурзија, додека родителите, од страв за безбедноста на сопствените деца, се принудени да ги повлекуваат од тие активности“, соопштија од Левица.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ