Денеска во дворот на ректоратот на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, кој некогаш бил егзархиско училиште во кое предавал големиот револуционер и визионер за македонска државност, Гоце Делчев, се одбележаа 123 години од неговата трагична смрт.
Оддавајќи почит кон неговото дело, ректорот на УГД-штип, Дејан Мираковски порача дека Делчев не бил само симбол на борбата за слобода, туку и визионер кој ја истакнувал улогата на знаењето, културата и соработката меѓу народите како темел на развојот.
„Денес со гордост и почит го одбележуваме ликот и делото на нашиот патрон Гоце Делчев, кој што бил не само апостол на македонската слобода, туку за неговото време и визионер и хуманист, кој што со изјавата дека го разбира светот како поле на културен натпревар помеѓу народите во еден период на војни, создавање на нови нации, покажал дека наместо оружје мора да игра голема улога и знаењето и културата. И токму ние како Универзитет, кој со гордост го носи неговото име се трудиме да биде достоинствени наследници, преку образованието, науката, развојот на културата и меѓународната соработка“ – рече Мираковски.

Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од османлиската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер, денешна Грција.
Роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. По убиството на 4 мај 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.






