Во присуство на граѓани, претставници на институции и полициски службеници, во Штип денеска беше одбележан 7 Мај – Денот на македонската полиција. Настанот се одржа на градскиот плоштад, каде СВР Штип организираше повеќе активности со цел да ја доближи полициската работа до јавноста и да ја истакне улогата на полицијата во секојдневното функционирање на општеството.
Посетителите имаа можност одблиску да се запознаат со дел од опремата и возилата што ги користат полициските единици, а беа презентирани и превентивни кампањи поврзани со безбедноста во сообраќајот, заштитата на младите и подигнувањето на јавната свест за различни безбедносни ризици. Полициски службеници разговараа со граѓаните и делеа едукативни материјали со совети за поголема лична и колективна безбедност.
Од СВР Штип порачаа дека одбележувањето на Денот на полицијата претставува можност да се потенцира значењето на професијата, но и да се зајакне довербата меѓу полицијата и граѓаните. Според нив, безбедноста не е обврска само на институциите, туку заедничка одговорност во која секој има своја улога.
На национално ниво, 7 Мај беше одбележан и со централна свеченост во организација на Министерството за внатрешни работи, каде државниот врв и раководството на МВР упатија честитки до полициските службеници и пораки за продолжување на борбата против криминалот и корупцијата.
На настанот не се појави ниту еден висок претставник на МВР и СВР Штип, неколку дена по скандалот во кој PortaliX објави дека двајца припадници на безбедносните сили противправно и против негова волја, зеле со сила младо момче родено 2004 за да им врши физички работи на вила во близина на штипското село Козјак, а откако настанот бил пријавен во полиција, се обиделе да го заташкаат.






