Работна група на Обединети нации предупреди дека светот ќе се соочи со масовен глад доколку Ормуска Теснина наскоро не биде отворена за сообраќај.
Извршниот директор на Канцеларијата на ОН за проектни услуги (УНОПС), Мореира да Силва, изјави дека една третина од светските резерви на ѓубрива, вклучително амонијак, сулфур и уреа, се транспортираат низ Ормуска Теснина.
Се проценува дека околу 45 милиони луѓе би можеле да умрат од глад поради недостаток на ѓубрива чии патишта во моментов се блокирани.
– Ни остануваат уште неколку недели за да спречиме она што веројатно ќе стане масовна хуманитарна криза. Сезоната на садење не може да чека, предупреди да Силва, истакнувајќи дека во некои африкански земји овие рокови истекуваат само за неколку недели.
Покрај Африка, блокадата ќе ја погоди и прехранбената безбедност во Азија.
– Ако наскоро не ја спречиме причината за кризата, ќе мора да се справиме со последиците исклучиво преку хуманитарна помош, посочи Силва.
Според УНОПС отворањето на Ормуска Теснина е клучно за стабилизирање на глобалниот пазар на храна, бидејќи недостатокот на ѓубрива во оваа фаза од земјоделскиот циклус може да има долгорочни последици врз приносите низ целиот свет. МИА





