Синоќа кочанската гимназија „Љупчо Сантов“ го имаше своето традиционално матурско дефиле, на кое матурантите во училишната зграда го имаат последниот класен час, по кој излегуваат на црвен тепих пред зградата на гимназијата, од каде заминуваат на својата матурска прослава.
Овогодинешната матурска прослава во Кочани доаѓа по едногодишна пауза, откако лани не се одржа заради ужасната трагедија во дискотеката Пулс, каде животот го загубија 63 млади луѓе.
На овогодинешната прослава на реверите на прекрасните млади гимназијалци и гимназијалки се најдоа беџови, на кои ја носеа матурската слика на Надица Наунова, младата кочанчанка која е меѓу жртвите на пожарот.
Нејзините сокласници своите матурски портрети ги направија со беџ со срце во кое го пишува името „Надица“, а матурската фотографија на Надица беше фотомонтажа во истата облека на нејзините сокласници, кои не сакаа да ја исклучат од своето табло својата другарка.
Додека траеше дефилето на матурантите, најтешко беше во домовите на родителите на загинатите кои годинава требаше да бидат матуранти.
Неофицијално, матуранти годинава требаше да бидат четворица од загинатите во дискотеката.
Таткото на Надица, Александар Наунов, напиша:
„Денес требаше да ја славиш твојата школска матура, ќерко моја.
Требаше домот да биде полн со смеа, музика и возбуда. Требаше да те гледам како се подготвуваш, како со блесок во очите го чекаш денот што секое младо срце го сонува. Требаше да ти кажувам колку си убава, а ти да ми велиш да не се грижам и дека сè ќе биде совршено.
Требаше денес да стојам гордо покрај тебе, да го чувам во срцето секој твој чекор, секоја насмевка, секој миг од твојата младост. Да гледам како животот ти се отвора пред тебе, а не да стојам пред тишината што остана зад тебе.
Но наместо радост, денес во мене има само празнина што не престанува да боли. Наместо да слушам музика и детска смеа, ја слушам тишината што ме прогонува откако те нема.
Ќерко моја, најмногу боли што не ти беше дадено да ги доживееш деновите што ги заслужуваше. Твојата младост, твоите соништа, твојата среќа — сè беше прекинато прерано.
Денес требаше да славиш. Да играш. Да се смееш. Да живееш.
А јас, како татко, останав со љубов што нема каде да ја оставам и со гордост што никогаш нема да згасне.
Те сакам бескрајно. И каде и да си, за мене засекогаш ќе бидеш мојата најубава матурантка.“ – напиша во трогателната порака таткото на Надица.
(К.М.)






