По стравичната смрт на четворицата патници во колата која синоќа се запали и изгоре откако во неа удри камион на скопската обиколница, покрена бројни реакции за прашањето дали возачот на камионот – 76-годишниот Б.Б. од Косово, имал право да управува тешко товарно возило.
Се’ уште не е утврдено дали заспал, му се слошило, откажале кочници или од некоја друга причина изгубил контрола, ја пробил заштитната ограда и преминал сосема на другата страна и удрил во БМВ-то во кое се возеле сега покојните на кои им немало спас и изгореле речиси до непрепознавање. Во пожарот, според МВР загинаа тројца дваесетгодишници и 51-годишниот оперски пејач Ристе Велков.
Коментарите од типот „кој му дозволил на 76-годишник да вози“, ако се гледа законот, се чини, немаат основа, бидејќи и и нашиот и косовскиот закон дозволува управување на возила беа определена максимална возраст.
Во Косово, од каде е сега уапсениот возач на камионот, кој ја предизвикал несреќата, има минимална возраст од 21 година за управување на камион, но максимална возраст нема. Како и кај нас, по навршени 65 години и по здравствен преглед лекар одлучува за продолжување на возачката дозвола на три или пет години. Единствен услов за продолжување на возачката дозвола е лекарскиот потпис.
Според сопственици на транспортни компании, кои ангажираат возачи, често се избегнува вработување на постари возачи особено тие над 65-70 години бидејќи се работи за возење на долги релации во товарни возила.
-Иако многу тешко се наоѓаат возачи, ние како компанија имаме неформални ограничувања до 67 или 70 години поради осигурување и безбедносни стандарди. Тоа не ние е законска обврска, туку наше правило, ни изјави сопственик на транспортна компанија од Кочани.
Додека се кршат копјата околу тоа дали возачот на камионот кој ја предизвика несреќата смеел да вози, сообраќајниот инжинер Роберт Рогожаров изнесува други, покрупни проблеми што водат до вакви трагични настани.
-Многу состојби се пресудни – неуредени патишта, несоодветно уредени раскрсници, изгубени правци… не дека возраста на возачот не е битна, имаме многу витални возрасни возачи. Но, ако лекарот дал уверение, тогаш бил во состојба да вози. Имаме многу случаи кога млади возачи заспиваат или од други причини предизвикале сообраќајќи, вели Рогожаров.
Неодамна во Хрватска 67-годишен возач на камион од Струмица го загуби животот откако удри во ограда и столб го спречи да премина на спротивната страна на автопатот.
Трагичниот настан од синоќа уште еднаш ја покрена расправата за возраста на возачите. Дали е оправдана, ќе знаеме по утврдувањето на причините за несреќата.






