Деведесет и една мостра од млеко и млечни производи и од сувомесни производи, од домашно производство и од увоз, земаа официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во рамки на вонредните контроли кои имаа за цел утврдување, дали реално производите по својот квалитет соодветствуваат со означеното на декларациите.
-Засега комплетирани се резултатите од тестираните примероци млеко и млечни производи земени од поголемите синџии на маркети во земјава. Се чека комплетирање и на резултатите за тестираните сувомеснатите производи, за што јавноста дополнително ќе биде известена. Од земените и лабораториски анализирани 45 мостри од млеко и млечни производи, кај 10 оператори утврдено е дека анализираните примероци не одговараат на одредбите од Правилникот за квалитет на земјоделските производи, односно, со тестирањата констатирано е дека во производите има помал процент на млечни масти од декларираното. Кај еден оператор со храна, со лабораториско тестирање на мостра од одземените 22 килограми ситно сирење, утврдено е дека биле декларирани 20 проценти млечна маст, а производот содржел само 1 процент, за што му е изречена парична казна од 3 500 евра во денарска противвредност, информираат од Агенцијата за храна и ветеринрство и додаваат:
-За измама на потрошувачите, уште на осум оператори (производители и увозници) кај кои се утврдени отстапки од ваков вид, односно разлика во декларираниот и реалниот процент на млечна маст во контролираните млечни производи, изречени им се казни по 1050 евра во денарска противвредност. Кај друг оператор со храна, со тестирањата констатирано е дека во производството на млечен производ користел растителни (палмини) масти, за што му е изречена парична казна од 1300 евра во денарска противвредност. Спорниот млечен производ во вкупна тежина од 500 килограми од овој оператор се повлечени од промет и нештетно уништени на депонија. Кај оваа категорија оператори со храна, засилените инспекциските контроли од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжат и во наредниот период, информираат од АХВ.






