Лавина од реакции од македонските потрошувачи по информацијата на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за измамата од страна непознати производители на млечни производители, кои во македонските маркети продавале сирење за кои декларирале дека има 20 отсто масленост, а всушност содржеле само еден отсто. Во друг случај еден производител „во производството на млечен производ користел растителни (палмини) масти, за што му е изречена парична казна од 1300 евра во денарска противвредност“. Овој производител имал пуштено во промет производи во вкупна тежина од 500 килограми.
АХВ соопшти дека производите се повлечени од промет и нештетно уништени на депонија.
Агенцијата направила лабораториски анализи на 45 мостри од млеко и млечни производи. Кај 10 оператори утврдено е дека анализираните примероци не одговараат на одредбите од Правилникот за квалитет на земјоделските производи, односно, со тестирањата констатирано е дека во производите има помал процент на млечни масти од декларираното.
Изречените казни се 3500 евра и 1300 евра. Но, останува прашањето – колкава е заработката на производителите, ги измамија потрошувачите, кои верувале дека јадат сирење, како што е декларирано? Дали воопшто вреди да се читаат декларации, кои како што покажа контролата на АХВ се измамнички и неточни? Декларацијата на еден производ е всушност договор меѓу производителот и маркетот кој им продава на своите купувачи. Во случајов, измамата е двојна – и на трговците и на купувачите. Со неточната декларација, производителот го прекршил договорот со трговецот, освен ако немало „поддоговор“ за заеднички профит, што секако не е исклучено. Најпосле, колку време траела измамата?
Граѓаните бараат уште еден одговор – кои се тие измамници? Бидејќи овие млечни производи ги купуваат и луѓе на посебен режим на исхрана, луѓе со хронични болести… АХВ при контролата не утврдила штетни производи во производите, но еден од производителите ставил палмино масло наместо млеко, со поинаков тип на масни киселини. Палминото масло треба да го избегнуваат луѓето со срцево-васкуларни состојби или дијабетес.
Случајот со манипулацијата со млечни производи не треба да заврши на изречените казни. Во нормална држава треба да реагираат институциите, но и трговците и потрошувачите, преку Здружението на потрошувачи, кое денеска не успеавме да го добиеме, откако на двата телефони за контакт се вклучи мејли.







