Еден од најголемите македонски кондиторски брендови, винички Макпрогрес, отвора нова фабрика за вафли за сопствениот бренд Винчини, инвестиција вредна 8,5 милиони евра.
Генералниот директор, Глигор Цветанов, информира дека инвестицијата од 8,5 милиони евра е од сопствени средства и кредити од комерцијалните банки, вклучително и дел кредити од унгарската линија, која ја обезбеди Владата.
„Покрај првичните 40 вработувања, од кои некои се од постојните вработени, а други нови, в година се планирани уште 40 бидејќи ќе се удвои капацитетот на производство“ – најави Цветанов.

Објектот на новата фабрика е изграден за рекордни шест месеци, а располага со две современи производни линии за производство на вафли и сродни кондиторски производи наменети за домашниот и за странските пазари.
На отворањето на фабриката присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој најави натамошна поддршка за домашните бизниси чие производство е наменето за извоз, потенцирајќи дека „Макпрогрес“ од скромен семеен бизнис прерасна во регионален гигант со промет од над 40 милиони евра и над 670 вработени.

„Компанијата е еден од темелите на македонската кондиторска индустрија. Како Влада ќе сториме сè што можеме за да помагаме ваков бизнис бидејќи 80 проценти е наменето за извоз. Ги сушнавме амбициите и целите и ќе сториме сè како Влада да помогнеме да бидеме додадена вредност во делот на реалзиација“ – рече Мицкоски.

Развојот на Макпрогрес значи и развој на Виница, со оглед на тоа дека станува збор за една од најголемите компании во регионот, вели градоначалникот на Виница, Митко Костадиновски:
„Оваа значајна инвестиција вредна 8,5 милиони евра отвора нови работни места и создава услови за понатамошен економски развој на Виница и целиот регион. Во рамки на посетат одржавме работен состанок на кој беа презентирани резултатите и развојните планови на компанијата, како и актуелните предизвици и можности за понатамошен раст на извозот, инвестиците и континуираноста на македонската прехрамбена индустрија.“ – изјави Костадиновски.

Макпрогрес уште во 2019 инвестираше во нов развоен центар, со цел развој на нови производи и решенија со своите вработени, бизнис партнери, добавувачи, академија и старт- ап компаниите и младите како би одговориле на предизвиците на создавање на квалитетни производи и решенија воедно земајки ги во предвид климатските промени и одржливоста во прехрамбениот ланец.

Мисијата на Макпрогрес е јасна: да испорача висококвалитетна храна која носи радост, хранливост и доверба во секое домаќинство. Компанијата поттикнува иновацијата од нива до трпеза, комбинирајќи традиционално мајсторство со модерна производствена извонредност.

Нивната визија е да станат водечка група за храна и кондиторство во Централна и Југоисточна Европа — препознаена по квалитет, одржливост и способност да ги донесе саканите брендови до потрошувачите ширум светот.






