Александар Маленко во синоќешното гостување во поткастот „На кавга со Иван“ на Канал 5, кажа досега непознати детали за јавноста од, како што кажа, престојот на Никола Груевски во хотелот на поранешната сопруга на Маленко во Охрид, ден пред неговото бегство.
Маленко, кој тогаш бил во брак со сопственичката на хотелот, бил работно ангажиран во истиот и сведочел на пристигнувањето и напуштањето на хотелот на поранешниот премиер:
„Беа најавени во 23:00, а стигнаа 00:00 и нешто, ноќта меѓу 7 и 8 ноември. Беа два автомобили, од кои едниот беше од МВР. Беше од МВР зашто му следеше нему обезбедување со двајца службеници и неговиот приватен автомобил со шофер и обезбедување. Беше сопругата и двете ќеркички со него. Јас ги пречекав во гаража и од таму се упатија во собите. Беше најавено од МВР дека ќе пристигнат во хотелот.“ – вели Маленко.
Во раните утрински часови на 10 ноември, само ден пред утврдувањето дека Груевски е во бегство, тој, заедно со возачот и обезбедувањето, го напуштил хотелот со приватно возило, тврди Маленко:
„Во 02:40 на 10 ноември побараа да ја отворам гаражата и излезе приватниот пасат со шоферот,обезбедувањето и Никола. Сопругата и ќерките си останаа во хотелот.“ – изјави Маленко.
За случајот „Тенк“ на СЈО, Груевски беше осуден на затворска казна од 2 години. Според пресудата тој е виновен за злоупотреба на службената положба и овластување како и „за примање награда за извршување противзаконито влијание“. Во овој случај тој е обвинет дека како премиер побарал од екс-министерката Гордана Јанкулоска спроведување на незаконска јавна набавка за ново блендирано возило кое „било набавено затоа што Груевски сакал да се вози во такво возило, но не сакал јавноста да знае за тоа“.
Откако судот донел решение Груевски да одлежи затворска казна од 2 години за случајот „Тенк“ во затворот во Шутка, неговиот тим од адвокати поднесе жалби кои беа одбиени на 9 ноември 2018 година, петок, и повторно го потврдија решението на Груевски за казната затвор. Судот го ограничи да се јави на одлежување на казната најкасно до понеделник. Во понеделникот Груевски не се јави во затвор и МВР издаде национална потерница за него. Следниот ден Груевски преку својата Фејсбук страница ја извести јавноста дека се наоѓа во Будимпешта и има побарано политички азил од Унгарија. Поради тоа потерницата за него била преиначена во меѓународна.





