Со последното училишно ѕвонче денеска завршува учебната 2025/2026 година за околу 245.000 ученици во земјава. Меѓу нив се 177.800 ученици во основното и 67.200 во средното образование.
По деветмесечната настава, учениците заминуваат на летен распуст кој ќе трае до почетокот на новата учебна година. За најголемиот дел од нив следува период на одмор и рекреација, додека дел ќе треба да ги исполнат преостанатите училишни обврски преку поправни испити и дополнителна настава.
Учебната година завршува и за генерацијата матуранти, кои веќе ги заокружуваат обврските поврзани со државната матура и се подготвуваат за упис на факултетите.
Од вкупно пријавени 14 587 ученици за полагање на матурата, 12 184 се пријавиле да полагаат државна матура, 2276 ученици за државна стручна матура и 127 се пријавени за државна уметничка матура.
Во текот на летните месеци училиштата ќе ги реализираат вообичаените активности поврзани со подготовките за новата учебна година, која треба да започне на 1 септември.
Според календарот на Министерството за образование и наука, летниот распуст за учениците започнува утре и ќе трае до крајот на август, кога повторно ќе се слушне училишното ѕвонче за старт на новата учебна година.





