Државата позајмува да враќа кредити, но платила авансно милион евра за евакуациските летови од Дубаи и Ријад

Министерството за надворешни работи извршило целосно авансно плаќање на четири авионските летови со избивањето на кризата во Иран, со кои беа вратени 590 патници од кои 521 македонски државјани. Со авансното плаќање, забележува анализата на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) МНР директно го крши лимитот од 20% предвиден со закон, притоа без соодветна банкарска гаранција.

Процесот на набавка е спорен бидејќи преку сомнителни процедури била елиминирана конкуренцијата и бил фаворизиран само еден понудувач – фирмата „Авиалог“. Документите покажуваат дека соработката со фирмата „Авиалог“ е заснована на недоволни докази за нејзината поврзаност со авиокомпанијата „FlyDubai“.

Целата операција, од преговори до исплата, била завршена во рамките на само еден ден, што покренува сомнежи за транспарентноста.

Законот за јавни набавки не предвидува дека, во услови на постапка со преговарање без објавување оглас, во согласност со точка г) од член 55 став 1, доколку директно се загрозени безбедноста, животот и здравјето на луѓето, може да се даде 100 % аванс, и тоа без каква било банкарска гаранција. Напротив, Законот за јавни набавки ја ограничува висината на авансното плаќање. Според член 103 став 2 од ЗЈН за договорните органи од класичниот јавен сектор, на кој му припаѓа МНР, авансот не може да биде поголем од 20 % од вредноста на договорот. Воедно, според член 103 став 3, договорниот орган пред исплата на авансот задолжително обезбедува банкарска гаранција од носителот на набавката во висина на договорениот аванс.

Во анализата на ЦГК се вели:

„Склучениот договор меѓу двете страни не ја предвидува банкарската гаранција. Имајќи го ова предвид, ваквото постапување лесно може да се оцени како непропорционално и спротивно на начелото на заштита на јавните средства, затоа што договорниот орган, во случајот МНР, го презема целиот ризик однапред, без инструмент за поврат ако договорот не се исполни.

Итноста не е доволна сама по себе да оправда 100 % аванс без обезбедување; итноста може да влијае врз изборот на постапката, но не треба да ја елиминира финансиската сигурност. Со плаќањето на целата цена пред исполнување на услугата, договорниот орган практично останува без реална заштита ако економскиот оператор доцни, испорача делумно или не испорача воопшто. Начелото на економично, ефикасно и ефективно користење на јавните средства бара ризикот да биде разумно управуван. Во однос на склучениот договор, значајно е да се истакне и фактот дека МНР не го применило стандардниот модел за набавка на авионски услуги во којшто провизијата која ја наплатува економскиот оператор се прикажува одвоено, како процент од вредноста на авионската карта или изнајмениот авион. МНР го склучила договорот во вкупен износ, без изразување на провизијата/маржата која ќе биде наплатена од единствениот понудувач со кој е склучен договорот, со што е оневозможен увидот во висината на провизијата на посредникот“.

Главни наоди:

·      Евакуациските летови од Дубаи и Ријад во март 2026 година се платени авансно, што е спротивно на Законот за јавните набавки, кој предвидува дека максималниот износ на авансот може да изнесува до 20 % од вредноста на договорот.

·      Авансните плаќања не биле обезбедени со банкарска гаранција како што предвидува Законот и не биле однапред предвидени во тендерската документација.

·      За евакуациските летови се спроведени еден неуспешен и еден успешен тендер, по којшто е склучен договорот за закуп на авионите.

·      Тендерите се спроведени во рамките на Законот за јавните набавки кој за итните ситуации дозволува директно контактирање на фирмите. Но, документите откриваат низа одлуки кои, земени заедно, ја оневозможиле реалната конкуренција.

·      Првиот тендер во кој понуди биле побарани од 9 фирми е поништен. Во втората постапка, барањето за доставување понуда било испратено само до една фирма — Авиалог Скопје, за која МНР тврди дека дознала дека е претставник на FlyDubai. Како доказ за поврзаноста меѓу Авиалог и FlyDubai, МНР достави картичка за ангажман во FlyDubai која му припаѓа на физичко лице — основачот на Авиалог, но која не докажува деловна или правна поврзаност меѓу двете компании.

·      Фирмата доставува понуда следниот ден, на 6 март во 14 часот, по што во истиот ден следувале преговори, склучување на договор, издавање на фактура со датуми за првите 2 лета и плаќање на фактурата од страна на МНР.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ