Банките лани само од провизии заработиле 118 милиони евра нето приходи

Во криза и инфлација, банките и натаму нижат профит и според податоците на Народна банка за 2025 година вкупната добивка е близу 304 милиони евра, или 21 милион евра повеќе во однос на 2024 година. Само од провизии и надоместоци банките оствариле 118 милиони евра нето-приходи, што во однос на 2024 година е зголемување за 2,7 проценти или заработиле околу 3 милиони евра повеќе.

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески повика со закон да се ограничат провизиите на банките во интерес на граѓаните, бидејќи како што напиша во повикот, „Народната банка во моментот нема законска надлежност директно да ги регулира надоместоците што ги наплаќаат банките“.

Меѓутоа, министерката за финансии Гордана Кочовска потсетувајќи дека и самиот Славески некогаш беше министер за финансии, одговарајќи на новинарско прашање, негираше дека со законски измени може да се регулираат провизиите.

-Надоместоците не се законска категорија, така што немам што повеќе да додадам . Тоа што е законска категорија ние го разгледуваме. Но, надоместоците не се дел од законската категорија, рече Кочовска.

Гувернерот Славески се повика на примери од повеќе европски земји, каде со закон се ограничуваат банкарските провизии и надоместоци и смета дека со дополнување на законската рамка ќе се добијат „механизми за заштита на корисниците и обезбедување фер и предвидливи услови за користење на платежните услуги“. 

 

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ