Општина Кочани во текот на 2025 година исплатила вкупно 313.236 денари за материјална и нематеријална штета на 13 граѓани кои ја тужеле поради каснување од куче скитник, пишува glasno.mk.
Според податоците, оштетените во просек добиле по околу 24 илјади денари надомест од општинскиот буџет, откако судот донел правосилни пресуди во нивна корист.
Граѓаните подолг период алармираат за зголемениот број бездомни кучиња во Кочани, посочувајќи дека тие претставуваат сериозна опасност за нив. Речиси и да нема дел од градот во кој не се забележуваат глутници кучиња скитници, а жителите велат дека се чувствуваат небезбедно и дека локалните власти не преземаат доволно мерки за трајно решавање на проблемот.
Во прилог на ваквите реакции оди и бројот на пријавени случаи на каснување. Само во првите пет месеци од годинава, во Полициската станица во Кочани биле евидентирани 28 пријави од граѓани дека биле каснати од куче. Овој податок упатува дека во наредниот период може да се очекува и зголемување на бројот на тужби против општината.
Од Општина Кочани информираат дека проблемот со бездомните кучиња треба да се решава регионално, преку Источниот Планскиот Регион.
-Од април годинава, преку Советот за развој на Источниот плански регион е иницирана изградба на стационар за бездомни кучиња. Проектот опфаќа подготовка на физибилити студија, определување локација и изработка на техничка документација“, одговорија од Општина Кочани.
Советот на Општина Кочани на својата 13-та седница донесе одлука за сопствено учество во кофинансирањето на проектот „Регионален центар за згрижување и контрола на популацијата на кучиња скитници и ветеринарно здравство во Источниот Плански Регион“, во износ од 61.133 денари.
Вкупната вредност на проектот изнесува 5.172.760 денари. Дел од средствата треба да бидат обезбедени преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, во рамки на Програмата за рамномерен регионален развој за 2026 година, а останатиот дел преку кофинансирање од 11-те општини во регионот.
Сепак, на веб-страницата на Бирото за регионален развој проектот не е наведен меѓу финансираните проекти за 2026 година. Тоа отвора дилема дали воопшто е поднесен или, пак, не бил избран за финансирање, што би значело дополнително одложување на решавањето на проблемот. Со тоа и граѓаните од Кочани и регионот ќе бидат оставени на милост и немилост на наездата на кучиња скитници.
Од локалната самоуправа додаваат дека моментално третманот на бездомните кучиња се спроведува преку нивно заловување од страна на избран изведувач по јавна набавка, постапка што ја реализира КЈП „Водовод“ – Кочани.
Извор: Glasno.mk





