Бугарското Собрание ќе гласа дали украинската амбасадорка да ја прогласат за персона нон грата

Во моментов во Народното Собрание на Бугарија се расправа по иницијативата на проруската бугарска партија, која сега е дел од Парламентот, „Вазраждане“ со која се бара амбасадорката на Украина, Олесја Илашчук, да биде прогласена за персона нон грата и да ѝ биде врачена официјална нота за нејзино отповикување.

Во име на партијата, Коста Стојанов изјави дека ниту еден дипломатски претставник нема право да се става над законите на земјата домаќин и ниту една странска дипломатска мисија нема право да се меша во работата на бугарските институции.

Партијата пред 10 месеци, соопшти дека открила големи нелегални дејствија на украинската група „Куб“ во Варна, со нелегална градба и нелегална сеча на шума во заштитено подрачје, а зад групата „Куб“ стои Олег Невзоров, кој еднаш бил екстрадиран, а потоа вратен.

„Вазраждане“ поднесува уште една декларација, а која се однесува на Македонија. Пратениците предлагаат на најкатегоричен начин да се осуди палењето на дипломатските возила на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје на 15 јуни 2026 година и како што пишува во декларацијата, „сите форми на насилство, омраза и непријателство насочени против бугарските граѓани, институции и дипломатски мисии“.

Во декларацијата се бара од македонските власти да преземат итни, транспарентни мерки за ефикасно изведување пред лицето на правдата на сторителите и сите можни поттикнувачи.

Ги повикува европските институции да ја земат предвид системската природа на овие инциденти при проценка на напредокот на Македонија и да ја спроведат потребната контрола за вистински промени.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ