Кој треба да обезбеди ученици во Земјоделското училиште во Битола, каде се запишале само три деца во прва година?

„Наставниците не се потрудија да обезбедат деветтоодделенци кои ќе учат во тоа училиште“. Оваа директна изјава на министерката за образование, Весна Јаневска, на новинарско прашање за уписите во битолското Земјоделско училиште покрена друго прашање – „Кој треба да обезбеди ученици, дали е тоа работа на наставниците?“

Да, навистина, кој треба да обезбеди ученици?

Оваа година, во СОЗУ „Кузман Шапкарев“ – Битола е одобрено запишување на една паралелка – техничар по ветеринарна медицина. Во првиот уписен рок се запишале само три ученици, а денеска е вториот уписен рок, кога надежите се дека уште некој ученик ќе пројави интерес. Земјоделското училиште е едно од најстарите во Пелагонија, но поради слабиот интерес, како што образложи министерката Јаневска, „поради долгогодишното немање ученици во Земјоделското училиште, првично беше предложено земјоделската струка да се префрли во регионалниот центар.

По ваквиот предлог следуваа реакции од самото училиште и од градот, што доведе до средби и дискусии со наставниот кадар и раководството.

-Наставниците дадоа ветување дека максимално ќе се ангажираат во промоција на струката меѓу деветтоодделенците. Нивниот ангажман подразбира објаснување на суштината на струката, идните можности за вработување, како и опциите за продолжување на школувањето. Клучно е на учениците да им се претстават убавините и важноста на оваа професија, бидејќи искуството покажува дека токму преку посветеноста на наставниците, училиштата со низок рејтинг можат да станат реномирани институции. Овој повик за активност не е критика кон наставниците, туку замолница за заеднички напори за задржување на децата во соодветните региони, објасни Јаневска.

Според министерката, постојат повеќе успешни примери каде со соодветни кампањи во основните училишта е зголемен бројот на запишани ученици.

-Имало примери на училишта со многу низок рејтив кои со тек на време токму поради ангажманот на наставниците станале реномирани училишта. Тоа го покажува искуството. Оттука кога велам дека треба наставниците да покажат ангажман, јас не ги критикувам. Јас само ги замолувам да направат нешто да ги задржиме нашите деца на соодветните места, образложи Јаневска.

Земјоделската струка е една од помалку атрактивните за деветтоодделениците, како што е тоа текстилната и некои други. Привлекувањето на ученици одамна стана една од основните задачи на училиштата, па така, некои промовираат успешни приказни на поранешни ученици, кои станале признати во својата професија, други наградувани ученици на натпревари, трети со атрактивни алатки за учење и пракса.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ