„Враќањето на изгледот на повредените во „Пулс“ е еден сегмент, другиот е прифаќањето од заедницата и најблиските“ – со д-р Маја Аргирова од „Пирогов“

Болницата „Пирогов“ од Софија, Бугарија беше меѓу првите странски болници кои ги профатија најтешко повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ од Кочани. Тимот на професорката Маја Аргирова  се соочи со сериозен предизвик – да ги одржи во живот млади од кои неколку деца, а потоа и да им го врати изгледот, со оглед на тоа дека им беа зафатени главно главата, вратот и рацете.

Од овој аспект на поминати повеќе од година и пол, професорката Аргирова вели дека тоа беше тежок физички и пред се’ психички напор за тимот. Шест најтешки пациенти продолжија да се лекуваат во „Пирогов“ и пред нив се реконструктивните операции, што во процесот на лекување се случуваат на крај, бидејќи како што вели д-р Аргирова, лузните треба доволно да созреат.

-Тие редовно доаѓаат на контролни прегледи и сè што е потребно за нивното закрепнување – и во естетска смисла, и во функционална – ние го правиме. Така што веќе започнаа таканаречените реконструктивни операции за враќање на нивниот нормален изглед. А бидејќи тоа се млади луѓе, тие инсистираат, се разбира, да изгледаат добро. Ние правиме сè што е можно за да бидат нормално социјално адаптирани, да не бидат психо-емоционално потиснати и да можат да живеат нормален живот, во средината во која се навикнати, објаснува д-р Аргирова.

Еден од шесте пациенти кои доаѓаа во софиската болница, веќе сосема го има завршено лекувањето по неколкуте оперативни интервенции во однос на долгорочните лузни. Но, останатите пет млади пациенти остануваа грижа на тимот на д-р Аргирова.

-Веќе се направени реконструктивни операции кај сите нив и, за среќа, со многу добри резултати. Им претстојат нови операции, бидејќи изгорениците беа длабоки и зафатија видливи делови – горни екстремитети, лице, врат – што наложува брзи, но релативно брзи постапки. Чекавме да помине максималниот период на зреење на лузните, па реконструктивните операции започнаа една година подоцна. Секој има завршено по една етапа во зависност од засегнатите зони и планирани се нови во наредните месеци, како и на есен. Работиме индивидуално, се прилагодуваме на нивните лични обврски – тоа се млади луѓе кои посетуваат универзитет, училиште – и мора да се прилагодиме на тоа, вели д-р Аргирова.

Веднаш по приемот на настраданите, беше организирана масовна крводарителска акција

На прашањето дали се работи за комплицирани зафати и колку време ќе биде потребно за да се вратат целосно кон нормалниот живот, д-р Маја Аргирова проценува дека тоа ќе се случи догодина за конечно да бидат целосно заздравени. За тоа, како што објаснува, треба многу трпение и соодветен пристапот.

-Тие се исклучително дисциплинирани. Јас сум многу задоволна од контактот со нив, а и моите колеги, бидејќи строго ги извршуваат сите процедури што им се назначени, вклучително и оние што се прават дома. Посетуваат и колеги од Кочани, од Скопје, кои многу се грижат за нив – пластични хирурзи, дерматолози – прекрасни луѓе кои без надомест помагаат и работиме заедно. Одржуваме контакт, така што многу процедури се прават и во Скопје и во Кочани, но операциите главно ги вршиме ние. Тоа е и по нивно барање, бидејќи се навикнати на нас, задоволни се од резултатите, а ние најдобро ја познаваме нивното состојба. Сметам дека ќе постигнеме многу добра адаптација, кажа Аргирова.

Сепак, од стручен аспект, докторката вели дека изгорениците се траума која влијае не само врз настраданиот, туку и врз нивните семејства.

-Сите тие се ангажирани во лекувањето, сите имаат нарушен начин на живот, бидејќи мора да се усогласат со нивните деца и нивните обврски во Скопје и кај нас, да ги придружуваат и да се грижат за нив. Така што, страдањето беше заедничко и продолжува сè додека овие луѓе не бидат целосно заздравени. Ние се грижиме за сите. Тие покажуваат максимално трпение и благодарност, што многу ме трогнува, додава Аргирова, според која, „враќањето на изгледот на повредените во „Пулс“ е еден сегмент, другиот е прифаќањето од заедницата и најблиските“.

Кочани додели признание на тимот на д-р Аргирова и „Пирогов“ за исклучителниот придонес за повредените

Навраќајќи се на тој трагичен ден – 16 март 2025 година и деновите потоа, за тимот на Аргирова и болницата „Приогов“ не била првата таква масовна траума, кога поголем број на настрадени од таква траума во еден момент да пристигнат на лекување, често и спасување на животи. Проблемот бил што за првпат имале толку млади луѓе повредени, каде тројца, па дури и четворица беа деца со 15 години, 16 години – што е возраст која е исклучително важна, бидејќи е многу чувствителна. Како што вели д-р Аргирова, тоа е „тежок момент, затоа што тие луѓе допрва треба да се развиваат, да растат и да го трасираат својот пат во животот“.

-Навистина ни беше и психолошки тешко, но имаме протокол за постапување во вакви случаи – подготвени екипи кои веднаш мора да започнат со работа. Она што го прашувате, а и што за нас беше најтешко, е тоа што нашата хирургија е физички многу напорна, а работата беше исцрпувачка цела една недела, бидејќи сите мораа да бидат оперирани. Сите беа со длабоки изгореници и со тешки оштетувања на дишниот систем, со тешка инхалација, што создаваше голем притисок, бидејќи сите истовремено имаа потреба од помош од истите екипи. Тоа исцрпување, се разбира, но беше наградено со добри резултати – фактот дека не дозволивме да изгуби никој од нив. И тој напорен труд од сите нас се заборава кога ќе се видат резултатите. А како да ви кажам, во такви моменти и од ваша, и од наша страна мобилизацијата е исклучително голема, и на крајот си ја завршивме работата, се присетува докторката.

Иако „Пирогов“, како и десетината други болници во другите земји каде брзо беа транспортирани повредените ја покажаа својата солидарност, сепак д-р Аргирова вели дека е добро Македонија повторно да си ја врати болницата која третираше повредени со изгореници. Според неа, Македонија има исклучително квалитетни специјалисти и штета е да не се искористи нивното знаење и вештини и да се трансформира во специјализирана болница. Како што вели, „Пирогов“ секогаш ќе излезе во пресрет на вакви пациенти, но добро е да се врати специјалноста, особено што не се работи за голем број на вакви пациенти или потребен простор. И затоа што понекогаш соодветното сместување, брзиот одговор е пресуден за исходот на лекувањето и судбината на тој пациент.

Над 100 повредени беа транспортирани во болниците во странство и токму таа брз интервенција, според докторските мислења, им ги спаси животите овие млади луѓе, кои таа кобна ноќ на 16 март се најдоа во дискотеката „Пулс“. Болницата „Пирогов“ лекуваше 8 пациенти, додека тројца беа префрлени во Варна. Македонски пациенти со изгореници беа прифатени во болниците во Словенија, Хрватска, Летонија, Белгија, Србија, Австрија… За жал, 63-ца го загубија животот во пеколната дискотека.

В.К.

Овој продукт е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Содржината е единствена одговорност на авторот и не ги одразува нужно ставовите, мислењата или вредностите на Европската Унија или Фондацијата Метаморфозис.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ