Девет еколошки здруженија бараат поништување на концесиите за Иловица-Штука

Никакво друго решение, освен поништување на концесиите за рудникот Иловица – Штука е прифатливо за еколошките здруженија и движења во југоисточните регион на државата и пошироко, по судската одлука, со која се враќа спојувањето на концесиите. Се работи за концесии за експлоатација на минерална суровина  во Општина Босилово и Општина Ново Село.  На заедничкиот состанок во саботата, 27-ми јуни, екологистите од сите девет организации и движења побараа од Владата

во разумен рок, на седница на која ќе се решава за состојбата со концесиите за рудникот Иловица – Штука да се постапи согласно барањата на граѓаните, кои не се променети десет години.

Во доставеното барање до Владата стои:

-Владата МОРА да ги поништи концесиите за рудникот и конечно да го ослободи општеството од долгогодишната опасна тензија. Нагласуваме: ДА ГИ ПОНИШТИ, не да ги враќа на повторна постапка. Владата ги има сите правни основи, механизми и јавната поддршка за тоа.

Никакво друго решение не е прифатливо. Проектот Иловица-Штука ја згрозува не само Струмичката Котлина, туку и целата држава“, се вели во доставеното барање.  

Доколку не се прифатат барањата, еколошките здруженија ќе повикаат, како што велат,  „на сеопшт, сееколошки и сеграѓански отпор генерално против рудниците на смртта и другите облици на загрозување на природата, околината и здравјето“.

-Ние немаме никакви други амбиции освен сопирање на погубниот проект. Ги повикуваме сите еколошки здруженија во државата и други граѓански организации, Македонскиот народ и граѓаните на нашата Македонија надполитички и надпартиски да се солидаризираат со заедничкото БАРАЊЕ. Кон Владата апелираме за здрав разум и конечна одлука во полза на јавниот интерес и иднината на нашата држава и поколенијата по нас, стои во барањето од потписниците:

ЕКО-ДОЛИНА, Ново Село; ЗДРАВА КОТЛИНА, Струмица; ЗЕЛЕНА НАРОДНА СТРАЖА, Скопје; ЈА ШТИТАМ БЕЛАСИЦА, Ново Село; МЛАДИТЕ НА ШТУКА И ИЛОВИЦА, Босилово; СПАС ЗА ГЕВГЕЛИЈА, Гевгелија; СПАС ЗА ПРИЛЕП, Прилеп; СПАС ЗА СТРУМИЧКА КОТЛИНА, Струмица и CHANGEMAKERS 4 ALL, Гевгелија.

Владата во соопштение реагираше дека е конечна судска одлука по која мора да се постапи. Најавено е дека одлуката ќе биде донесена врз основа на релевантни факти, стручни мислења и аргументи, во рамки на законските процедури. Од Владата уште додаваат дека „економскиот развој нема да биде на сметка на здравјето на граѓаните и животната средина“.

Рудникот Иловица – Штука е проект на компанијата „Еуромакс рисорсес“, и се наоѓа на на планината Огражден. Екологистите се противат на изградбата на рудникот, за што беа спроведени и неколку општински референдуми.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ