Десет дена по донесувањето на одлуката на Советот на општината Штип за продажба на мнозинскиот пакет акции од 51 отсто на ФК „Брегалница“ во износ од 150.000 евра, се’ уште нема информации дека купопродажбата е финиширана. На Македонска берза, каде треба да се изврши продажбата, до денеска не се објавени акциите на АД „Брегалница 2008“ на продажба.
Шпекулациите се се’ погласни, како се приближува периодот на подготовки на фудбалските екипи, а тече и времето до почетокот на новата фудбалска сезона.
„Брегалница“ е нов прволигаш, со изразени амбиции, па според тоа растат и очекувањата на спортската јавност од клубот.
Полуофицијално е познато дека продажбата на акциите е начелно договорена со Германецот Франк Петар Саломон, чија врска со Штип е некогашниот фудбалер на „Брегалница“ Томче Блажевски, кој кариерата ја продолжи во Германија. Потенцијалниот инвеститор, кој најавил 600.000 евра инвестиции во штипскиот клуб е сопственик на германскиот нисколигаш Феникс Либек. Овој клуб се натпреварува во Четвртата фудбалска лига на Германија.
Очекувањата на штипската јавност беа дека влезот во „Брегалница“ ќе оди побрзо. Единствената информација е дека преговорите траат, а тоа произведе неофицијална информација дека германскиот инвеститор за да влезе во клубот условувал со доделување на атрактивно земјиште за изградба на објект. Меѓутоа, пратеникот и лидер на штипската организација на ВМРО ДПМНЕ, Душко Иванов ги негира овие информации како „чаршиски муабети“.
-Во разговор со градоначалникот на општина Штип знам дека постапката е започната, одлука на Совет има да се преговара со инвеститорот, да се договорат под кои услови ќе биде склучен договорот. Се надевам дека преговорите ќе завршат успешно. Општините во овој момент во државата не можат да ги опслужат фудбалски клубови коишто би имале одредени добри резултати. Зборувам за тоа дека е тоа скап спорт, рече Иванов во емисијата „Стадион“.
Дека општината има интерес да инвестира во спортот, според Иванов, зборува и податокот дека од 2021 година па до сега износот за спорт од 15 милиони денари е зголемен на 25 милиони.
ФК „Брегалница“ веќе еднаш имаше инвеститор со договорот со компанијата Кит го, која подоцна ги продаде, односно ги врати акциите на општината, која сега е целосен сопственик на клубот.
Еднаш веќе имаше неуспешен обид да се продаде мнозинскиот пакет акции на турски инвеститор, кој беше промовиран во Штип, но се’ остана на таа промоција.
На овој нов потенцијален инвеститор, според тоа што беше усвоено на седница на Советот, ќе му се предаде клубот на управување, во кој општината е малцински акционер. Доколку клубот е во првата фудбалска лига, германскиот инвеститор треба да вложи најмалку 30 милиони денари годишно, а доколку е во втората фудбалска лига – 15 милиони денари. Трошоци за одржување на средната површина, електричната енергија и и другите комунални расходи коишто ќе се појават на Градскиот стадион и на другите стадиони ќе останат на товар од општината. При тоа, износот на овие трошоци ќе биде пресметан во годишната сметка на крајот на годината односно на почетокот на наредната година и ќе се сметаат за финансиски придонес на општината во самото акционерско друштво коешто пак ќе придонесе при распределбата на добивката на крајот на годината.
На општината ѝ останува и обврската да ја догради почнатата трибина на Градскиот стадион.






