Предлог-изборниот законик што ДПМНЕ се обидува да го протурка претставува опасен обид за ограничување на демократскиот простор и зачувување на изборното статус-кво кое со години им одговара на големите партии, велат од Левица во соопштение кое Канал 77 го пренесува интегрално:
Една од скандалозните новини е и членот 76-ѓ, со кој се предвидуваат глоби до 8.000 евра за содржини објавени на социјалните мрежи за време на изборната кампања, којшто впрочем и воопшто не беше дискутиран во Работната група!? Со широкопоставени формулации се отвора можност политичките ставови, критиките и јавните објави да бидат предмет на непропорционално казнување, што претставува директен удар врз слободата на политичко изразување и воведување цензура преку парични санкции.
Истовремено, ДПМНЕ се обидува перфидно да ја претстави темата за електронското гласање на дијаспората како своја црвена линија, иако вистинската цел е Изборниот законик намерно да се доведе до ниво на неприфатливост, за на крај да остане непроменет токму моделот кој ја дискриминира Левица. Јавно глумат подготвеност за измени и делумно фер правила, а суштински предлагаат услови за кои однапред знаат дека немаат консензус, со што свесно го минираат процесот!
Зад таа игра стои јасна политичка намера за Левица да остане без рамноправен пристап до финансиски средства за изборна кампања, без фер распределба на средствата за платено политичко рекламирање и цензурирана. ДПМНЕ не сака вистинска реформа на Изборниот законик, туку старите правила да останат, затоа што токму тие правила им овозможуваат фаворизација на големите партии кои го делат политичкиот простор, а Левица повторно ќе биде системски ограничена, финансиски дискриминирана и политички замолчена.
Наместо да ги исправи забелешките и да обезбеди еднакви услови за сите политички субјекти, ДПМНЕ избира да ја зачува состојбата од која профитираат само големите партии и нивните приврзоци. Со цензура, финансиска дискриминација без преседан и обиди за замолчување на политичките противници, власта ги презема најопасните практики на авторитарните и протофашистички режими. Секој обид за цензура е опасен чекор кон фашизација на политичкиот систем!






