300 евра за „шеска“ во индекс – Забрана за предавање на штипската доцентка за мито

Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против 38-годишна жителка на Кочани осомничена за кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 6 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

-Осомничената како лице кое врши работи од јавен интерес, односно доцент на Универзитетот „Гоце Делчев’’ во Штип, директно за себе побарала корист – парични средства за да изврши дејствие што не би смеела да го изврши. На 16 јуни, откако студент не покажал доволно знаење за да го положи испитот кај неа, таа не му впишала оценка во индексот и во електронскиот систем дека не положил туку директно побарала пари во износ од 300 евра, за да му напише шестка со која тој би го положил наведениот испит. На 29 јуни во нејзината канцеларија, ги примила парите од студентот, така што му дала инструкции да ги остави на помошната маса, помеѓу скрипта и еден лист бела хартија, а во индексот му запишала преодна оценка, информираат од ОЈО.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување неколку мерки на претпазливост – забрана на напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска на осомничената да се јавува во судот, привремено одземање патна исправа, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со студентот, како и забрана за вршење на работни активности на факултетот.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ