Исарот се гаснеше со авион, во Чардаклија горат фотоволтаици

Специјалниот противпожарен авион Ер трактор беше употребен во Штип за гаснење на пожарот кој попладнево го зафати ридот Исар во центарот на Штип. Гореше источната страна од ридот во близина на куќите од истоимената градска населба, а потоа се прошири кон тврдината и меморијалниот комплекс на борците од НОБ. Таму пожарот се подели на две половини, едната над куќите на трева и втората под боровата шума кај меморијалниот споменик на НОБ.

Гаснењето на пожарот се одвиваше во отежнати услови заради стрмноста и непристапноста на теренот, но и заради големиот притисок врз штипската ТППЕ поради истовремениот пожар на фотоволтаична централа во Чардаклија, кој лесно се шири и е специфичен заради електричниот систем приклучен на централата.

Откако не успеа да се локализира пожарот на Исарот, во гаснењето се вклучи и Центарот за управување со кризи, кој испрати авион Ер Трактор, кој од воздух помогна значително да се стави под контрола пламенот.

Штипскиот градоначалник Иван Јорданов информира дека во пожарот на Исарот нема повредени и нема материјална штета кај куќите, а сомнежот за избивањето на пожарот е во електрична бандера, но оваа информација засега не е потврдена. Според очевидци првиот пламен бил виден на дрвена бандера за струја.

Досега нема информации за повредени ниту во пожарот во Чардаклија, а причинета е поголема материјална штета.

Повеќе информации од институциите очекуваме во вечерните часови.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ