Хотелот „Гарни“, кој остана како еден од еден културно – историските споменици на Штип наследство на градот, општината го продаде за 250.000 евра лани во април. Новиот сопственик сега го огласи за продажба и во понудата, истакна цена од 450.000 евра. Објектот, барем надворешно не е реконструиран. Денеска на прес конференција од опозициската СДСМ изразија сомневање дека при продажбата постоел договор, со прашање каква е врската на градоначалникот Иван Јорданов со зделката.
„Разликата е речиси 200.000 евра. Кој ја направи оваа зделка? Кој дозволи општински имот да биде продаден по цена што денес очигледно отвора сериозни сомнежи дали била реална?
Кој процени дека хотелот вреди толку малку? Кој профитираше од оваа зделка? И најважното , каква е врската на градоначалникот со инвеститорот што го купи хотелот? Дали ова е моделот по кој се управува со општинскиот имот? Прво евтино се продава, а потоа за кратко време истиот имот вреди речиси двојно повеќе? Дали е ова шемата за профит од овој , но и од останатиот распродаден општински имот како магацините на ЈП Стипион и деловни простории на ЈП Исар?“, реагираа од СДСМ Штип.
Хотелот „Гарни“, кој е изграден во 1924 година и се наоѓа во строгиот центар на Штип, со години стои празен, а општината, како сопственик имаше неколку неуспешни обиди да го продаде. Хотелот отпрвин се понуди со почетна цена од 500.000 евра, но откако и по две лицитации немаше заинтересирани купувачи, беше продаден за половина цена. Со оглед на тоа дека е споменик, новиот сопственик има обврска да го задржи изгледот и неговата основна намена.
Се работи за мал хотел,со 300 квадратни метри, со само седум соби, стари балкони, мала сала за состаноци, подрумски дел за појадок, со летна бавча со ресторан. Има и двор од 200 квадратни метри.






