Поранешен директор на ЈКП „Брегалница“ – Делчево осомничен за незаконско зголемување плати на вработените

Kанцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против 61-годишниот С.С. од Делчево, поранешен директор на Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ – Делчево, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Според пријавата, С.С. во својство на службено лице, односно директор на ЈКП „Брегалница“, во периодот од 2023 до 2025 година ја злоупотребил својата функција со тоа што ги пречекорил границите на службените овластувања при донесување одлуки поврзани со исплатата на вработените.

Како што информираат од полицијата, поранешниот директор на вкупно 112 вработени во јавното претпријатие им издал 92 решенија за зголемување на основната плата по основ на работна успешност, но без претходно да постојат предлози и согласност од непосредните раководители на работниците.

Со ваквото постапување, според наводите во пријавата, С.С. постапил спротивно на одредбите од Колективниот договор за комуналните дејности, како и спротивно на Колективниот договор за уредување на правата, обврските и одговорностите од работниот однос на работниците во ЈКП „Брегалница“ – Делчево.

Од преземените активности било утврдено дека со овие одлуки на јавното претпријатие му била нанесена материјална штета во вкупен износ од 267.873 денари.

По целосно документирање на случајот, Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево ја поднела кривичната пријава против С.С. до надлежното Основно јавно обвинителство за понатамошна постапка.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ