- Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип одлучи до расчистување на случајот со осомничените за вршење незаконити дејства во електронските досиеја, двајцата осомничени, вработени во УГД да им го стават работниот однос во мирување
Додека им тече осумдневниот притвор на осомничените раководител и советничка во архива, Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип донесе неколку одлуки, кои се однесуваат на овој случај. Се работи за покренувањето на истрага во која се инволвирани 44-годишниот Р.Т., раководител на е-индексот, и 44-годишната М.М.Н., советничка во студентската архива. Осомничени се за компјутерска измама и злоупотреба на службената положба со тоа што наплаќале за манипулација со уписите за на студенти од Турција да им се овозможи пријавување и полагање испити по истекот на роковите. Раководителот исто така е осомничен дека бришел оценки и кредити од електронските индекси за студентите да можат да запишат нов семестар или година, а внесувал и податоци за наводно платена школарина.
Одлучено е работните места на двајцата вработени веднаш се ставени во мирување и целосно им се одземени сите системски и администраторски привилегии во електронскиот систем за студентски досиеја и оваа мерка е на сила до целосно расветлување на случајот.
Додека се одвива проверката кон, како што пишува во информацијата од УГД, „ограничениот број случаи поврзани со постапките за запишување на студенти“, од Универзитетот ја уверуваат јавноста дека досиејата и евиденцијата на студентите надвор од овие случаи не се засегнати.
-Сите евентуално нелегитимно внесени податоци од страна на осомничените лица се предмет на истрагата и ќе бидат соодветно процесирани по завршувањето на истрагата од надлежните органи“, соопштуваат од УГД.
Од таму се потсетува дека електронскиот систем на УГД поседува софистицирани дигитални механизми и записи кои ги забележуваат сите интервенции при што може да се лоцира евентуална индивидуална одговорност.








