За два дена родени седум бебиња на Гинеколошко-акушерското одделение во Општата болница – Кочани. Кочани добива убава и позитивна вест – вистински „бејби бум“ на Гинеколошко-акушерското одделение во Општата болница во Кочани.
Во изминатите два дена, на одделението по природен пат се породиле седум мајки, при што на свет дошле четири машки и три женски бебиња. Од Општата болница велат дека се надеваат оти позитивниот тренд ќе продолжи и во периодот што следи, со што ќе има сè повеќе породувања во Кочани.
„Ова е една позитивна вест. Во последните два дена имавме седум породувања по природен пат – четири машки и три женски бебиња. Се надеваме дека ваквиот тренд ќе продолжи и понатаму и ќе има што повеќе породувања“, вели за Радио Кочани директорката на Општата болница, Катерина Паниќ Мирчовска.
Дополнително, значаен чекор за унапредување на здравствените услуги е и фактот што од оваа година во болницата работат тројца специјалисти по гинекологија и акушерство, што претставува важна поддршка за идните мајки и за развојот на гинеколошко-акушерското одделение.
Седумте новороденчиња за само два дена се убав повод за радост и надеж дека Кочани ќе продолжи да бележи повеќе нови раѓања.





