Во зеленото Пехчево да биде локацијата на дата центарот кој троши вода колку цело Куманово – за ова одлучуваат денеска советниците

Многу врева се крена пред денешната седница на Советот на општината Пехчево, каде втора точна на дневниот ред е Предлог одлука за почнување урбанистичка постапка за изградба на дата центар.
  • За изградба на дата центарот определени се пет парцели во селото Панчарево
  • Две имиња на заинтересирани приватни инвеститори се во информацијата до советниците
  • Опозицијата силно се противи, со образложение дека дата центрите трошат многу струја и вода и е на штета на развојот на општина Пехчево

Многу врева се крена пред денешната седница на Советот на општината Пехчево, каде втора точна на дневниот ред  е Предлог одлука за почнување урбанистичка постапка за изградба на дата центар. Определени се пет парцели во селото Панчарево, при што во текот на постапката обработливо земјоделско земјиште ќе се пренамени во градежно. Попрецизно, се работи за предлог одлука за прифаќање на иницијативата за отпочнување на постапка за изработка на Урбанистичко планска документација за Урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за формирање на градежна парцела за изградба на објект со намена Г4.7 – Градби за чување и складирање на дигитални податоци на КП 6268/1, КП 6268/2, КП 6268/3,КП 6269 и КП 6270, КО Панчарево, Општина Пехчево. Се работи за парцели, кои се наоѓаат на локација помеѓу двете села – Црник и Панчарево, каде според жителите, единствен воден извор е река која поголем дел од годината е сува и низ коритото тече вода само 4 месеци.  

Слушајте го Канал 77 во живо

Опозицијата силно се противи зелено Пехчево да биде место на националниот дата центар, кој ќе троши големи количини на струја за работа на серверите, кои треба да се ладат со исто така големи количини на вода. Советникот од СДСМ, Николчо Јовчев ни изјави точката е предлог на градоначалникот Александар Китански од ВМРО ДПМНЕ.

-Имаме индиции дека градоначалникот се договорил со инвеститорите на дата центарот и сега се обидува да го помине предлогот. Пред денешната седницата ни беше доставена кратка информација во која фигурираат две имиња на заинтересирани инвеститори. Познато ни е само едно од двете имиња на физичко лице од Делчево, ни изјави советникот Јовчев, кој е и претседателот на организацијата на СДСМ во Пехчево.

Прочитајте и за ова: Костадинов: Додека бил советник на Груевски, Мицкоски од Владата добил земјиште за хидроцентрала

Градоначалникот Китански претпладнето не беше достапен, Неговиот телефон и по неколку обиди, не беше достапен.

На претходнтата, 10. седница, како што кажа советникот, градоначалникот Китански ја предложил оваа точна на дневен ред по кратка постапка, на самата седница, но предлогот не бил прифатен ниту од советниците од неговата партија, кои исто така не знаеле ништо за предлогот. Единствено советникот од ЗНАМ гласал „за“. Рече дека имаат индиции оти овој проект има врска со луѓето од највисокиот врв од власта.

-Актуелната власт по кратка постапка донесе измени на Законот за енергетика, како и други законски измени со кои се прави простор за отворање на вакви центри. Но, проблем е што целата постапка се води нетранспарентно, без јавна расправа. Имаме информација дека ваков предлог веќе бил одбиен да се гради во кавадаречно – неготинскиот регион, изјави Јовчев.

Интересно е дека Пехчево во минатото беше центар на политички препоукување поради изградбата на мини хидроцентралата, инвестиција на актуелниот премиер Христијан Мицкоски. Централата на Равна река, во еден од најзелените предели на источниот регион, Мицкоски ја изгради заедно со сопартиецот Димитар Димовски, актуелен секретар во кабинетот на Мицкоски. Подоцна Мицкоски ги продаде своите удели.

Луѓето од Печево им забележуваат ин инвеститорите дека порани изградбата на хидроцентралата исчезнал ендемскиот вид на риба, а во летниот период реката одвај го одржува биолошкиот минимум.

На сега новата иницијатива за почнување постпака за дата центар во Пехчево реагираа од партијата ДОМ, која во соопштение побара да се стопира, како што стои, „нетранспарентната постапка за дата-центарот во пресрет на утрешното гласање на советот во Пехчево“.

-Недозволиво е за проект со потенцијално сериозно влијание врз водата, енергијата, природата и локалната заедница да се одлучува зад затворени врати, без доволно информации, јасни анализи и вклученост на експертите граѓаните.

Како што истакнавме во неколку наврати, дигиталниот развој не смее да биде изговор за нетранспарентност и игнорирање на јавниот интерес. Одлуките за вакви проекти мора да се носат транспарентно, одговорно и заедно со граѓаните, а никако зад затворени врати, реагираа од ДОМ. Претходно и Левица изнесе аргументи против изградбата на дата центарот.

– За ваков објект, кој потенцијално може да биде огромен потрошувач на електрична енергија и вода, јавноста не знае речиси ништо: нема објавен инвеститор, нема податок за потрошувачката на струја, нема податок за потрошувачката на вода, нема информација за потребната инфраструктура, нема анализа за економската корист, нема јавна расправа. И покрај тоа, советниците треба да гласаат. Па се поставува прашањето: кој толку брза да ја распродаде иднината на Пехчево?, реагираа од Левица.

Власта на ВМРО ДПМНЕ најави изградба на национален дата центар, кој би бил приватна иницијатива, а што државните институции ќе плаќаат за чување на податоците. Опозицијата тврди дека е ова уште една „бомбона бизнис“

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ