Функционално неписмени ученици покажа новото ПИСА тестирање – ако е за утеха пад има во повеќе ЕУ земји

Македонија се соочува со сериозни предизвици во образованието, што јасно се гледа од најновите PISA 2025 резултати, каде што е забележано дополнително влошување на постигнувањата на учениците под меѓународниот просек.
Функционално неписмени ученици покажа новото ПИСА тестирање – ако е за утеха пад има во повеќе ЕУ земји
  • Македонските ученици на ПИСА постигнаа просек од 380 поени, што е далеку под просекот на ОЕЦД кој изнесува 463 поени
  • Во природни науки Македонија и тука останува при дното
  • Скоро 74% (три четвртини) од 15-годишните ученици во земјата не го достигнуваат основното второ ниво на способност за читање

Само 1% од учениците во Македонија успеваат да стигнат до највисоките нивоа на знаење (ниво 5 и 6) во математика, односно да покажат способност за решавање на комплексни проблеми и математичко моделирање, покажаа резултатите од ПИСА тестирањето за 2025 година.  

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД (OECD) со седиште во Париз  деновиве ги објави резултатите од тестирањето, според кои од трите области – математика, читање и наука, македонските ученици имаат најлош резултат во читање. Ако во математиката и науката при тестирањето учениците условно може да добијат помош од наставниците, што според сведочењето е практика, во читањето точно се гледа знаењето на ученикот.

Слушајте радио во живо

Македонските ученици на ПИСА постигнаа просек од 380 поени, што е далеку под просекот на ОЕЦД кој изнесува 463 поени. Само околу 32% од учениците во земјата го покажале базичното ниво на математичка писменост.

Во делот на читање со разбирање и јазична писменост,  резултатите покажуваат дека децата читаат помалку и имаат потешкотии да го разберат прочитаниот текст. Падот почна уште во претходниот циклус (од 392 поени во 2018 година, на околу 359 поени во 2022), а најновите показатели не бележат напредок.

Прочитајте и за ова:


Едно од 10 момчиња и девојчиња од 12-17 години биле изложени на сексуална екслоатација и злоупотреба

Во природни науки Македонија и тука останува при дното, со резултати кои стагнираат околу 380 поени, наспроти ОЕЦД просекот од 485 поени.

Споредба со последното тестирање пред три години

Математика во слободен пад: Во однос на претходното мерење, најзагрижувачки е падот по математика за цели 10 поени. Дури 68% од учениците во Македонија се наоѓаат под прагот кој ОЕЦД го смета за минимална функционална писменост во оваа сфера.

Хронична функционална неписменост во читањето –  иако резултатот во читање статистички изгледа приближно на истото ниво, реалноста е алармантна. Скоро 74% (три четвртини) од 15-годишните ученици во земјата не го достигнуваат основното второ ниво на способност за читање. Ова значи дека не можат да извлечат главна поента од подолг текст или да разликуваат факт од мислење.

ПИСА е одлична слика на реалноста, каде е забележан раст на економ,ските разлики кај децата. Извештајот за 2025 година нотира дека дополнително се продлабочува јазот меѓу децата кои доаѓаат од економски попривилегирани семејства и оние од социјално ранливите средини

Падот не е само кај нас

Полскиот образовен експерт Матеј Јакубовски за Еуроњуз изјави дека падот е присутен во повеќето европски земји, каде ПИСА тестирањето покажа дека една третина од младите Европјани се функционално неписмени.

-Гледаме пад на сите полиња, можеби не во главниот домен на науката, каде што забележаа пад само некои земји, туку во математиката и читањето — односно основните вештини што ви се потребни на сите нивоа кога размислувате за образованието и животот на возрасните. Падот е присутен во повеќето европски земји и гледаме се поголем број ученици кои не го достигнуваат основното ниво на писменост во читање или во математика. Околу една третина од младите Европјани сега се под таканареченото „Ниво 2“ во ПИСА (PISA), што значи дека, функционално, тие се неписмени, изјави Јакубовски.

На прашањето колку од овој проблем е поврзан со паметните телефони, социјалните мрежи и намалениот опсег на внимание, Јакубовски кој меѓу 2008 и 2012 година работел како аналитичар во ПИСА, вели дека тоа е многу тешко да се поврзе.

– Гледаме дека учениците повеќе не читаат толку многу. Тие читаат на паметни телефони, што не е исто читање. Читаат многу кратки текстови, но голем дел од нив само гледаат кратки видеа. Така што, нивните вештини за читање паѓаат. Истото е и со математиката. Математиката е област што бара интензивна практика, па тие не ја користат технологијата, како на пример вештачката интелигенција, за да научат; тие ја користат вештачката интелигенција за да решаваат проблеми, за да добијат брзи решенија. Така, гледаме дека вежбањето е помалку интензивно и мислиме дека тоа е проблемот, кажа Јакубовски.

Виновен е системот, вели Јаневска

Министерката за образование Весна Јаневска во своите изјави често ги споменува резултатите од ПИСА тестирањето. Таа смета дека слабите бодови не значат дека македонските деца се неспособни или дека немаат никакви знаења, туку дека нашиот систем не ги подготвува учениците за начинот на кој се тестираат нивните компетенции. Нашите ученици сè уште учат по наставни програми базирани на суво меморирање факти, наместо на развивање на логика и функционално применување на знаењето.

ПИСА (Programme for International Student Assessment) е меѓународно тестирање кое го оценува квалитетот, праведноста и ефикасноста на образовните системи ширум светот. Се тестираат ученици на возраст од 15 години и 3 месеци до 16 години и 2 месеци, без оглед на тоа во кое одделение или тип на училиште (средно или основно) се наоѓаат во моментот. Ова е возраста на која во повеќето земји во светот завршува задолжителното образование, па се мери знаењето што го стекнале до таа клучна точка во животот.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ