Ветерниот парк во Штип треба да донесе енергетска пресвртница: Македонија чекор поблиску до енергетска независност?

Инвестицијата на „Алказар енерџи“ во ветерниот парк меѓу Штип, Радовиш и Карбинци влегува во нова фаза со обезбедени 180 милиони евра. Проектот треба да донесе стотици работни места, нова инфраструктура и значително производство на електрична енергија од обновливи извори.
Христијан Мицкоски, претседател на Владата на РС Македонија
Христијан Мицкоски, претседател на Владата на РС Македонија

За првата фаза се обезбедени 180 милиони евра за 21 турбина со капацитет од 131 мегават.

Целиот ветерен парк ќе има 54 ветерници и производствен капацитет од 396 мегавати.

Мицкоски очекува проектот да биде важен чекор кон поголема енергетска независност на Македонија.

Ветерниот парк на „Алказар енерџи“ во Штип, Радовиш и Карбинци треба да стане еден од најголемите енергетски проекти во Македонија и регионот, со инвестиција вредна околу половина милијарда долари.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

Премиерот Христијан Мицкоски, при посетата на локацијата на проектот, најави дека инвестицијата ќе отвори неколку стотици работни места, ќе донесе нова патна инфраструктура и значително ќе го зголеми производството на струја од обновливи извори.

Според него, проектот претставува важен чекор кон поголема енергетска сигурност на државата.

180 милиони евра за првата фаза на ветерниот парк

Инвестицијата во ветерниот парк во првата фаза изнесува 180 милиони евра, средства обезбедени за изградба на капацитет од 131 мегават и поставување на 21 ветерна турбина.

Финансиската конструкција е обезбедена со поддршка од Европската банка за обнова и развој – ЕБРД, Меѓународната финансиска корпорација – ИФЦ, Ерсте банка и Шпаркасе банка.

Целиот проект ќе се реализира во три фази и треба да достигне вкупен капацитет од 396 мегавати.

Планирано е ветерниот парк да содржи вкупно 54 ветерници, што според најавите ќе го направи најголем ваков капацитет во регионот.

Мицкоски истакна дека кога проектот бил само идеја на хартија, малкумина верувале дека за кратко време на терен ќе има стотици градежни машини и ќе започне поставувањето на ветерните капацитети.

  • Денес гледаме стотици градежни машини и почеток на инсталирањето на капацитетите на ветерниците. Почнуваме инвестиција која ќе вреди половина милијарда долари – рече премиерот.

Тој додаде дека плановите на „Алказар енерџи“ за инвестирање во Македонија не завршуваат со овој проект.

Еден терават-час зелена енергија и струја за 148.000 домаќинства

Обновливата енергија од ветерниот парк ќе има значително влијание врз домашното производство на електрична енергија.

Според Мицкоски, проектот треба да произведува околу еден терават-час електрична енергија, односно приближно еден милион мегават-часови годишно.

Тој оцени дека тоа е производство од обем кој досега не бил реализиран во македонската историја.

Даниел Колдерон, коосновач и генерален директор на „Алказар енерџи“, најави дека по завршувањето ветерниот парк ќе произведува доволно електрична енергија за околу 148.000 домаќинства.

Паралелно, се очекува да бидат избегнати околу 570.000 тони емисии на јаглерод диоксид.

Проектот, според најавите, ќе овозможи и околу 300 работни места.

Колдерон нагласи дека завршувањето на финансиската конструкција претставува важна пресвртница за проект кој започнал уште во 2008 година.

Македонија гледа можност да стане регионален енергетски центар

Енергетскиот потенцијал на Македонија беше една од главните теми во обраќањето на премиерот Мицкоски.

Тој потсети на оценките дека Европа во следните 14 до 15 години ќе има потреба од дополнителни количини електрична енергија, особено поради растечката потрошувачка и развојот на новите технологии.

Според неговите проценки, Македонија има потенцијал за значително зголемување на производните енергетски капацитети.

Мицкоски рече дека доколку државата го искористи потенцијалот од околу 24 терават-часови производство, тоа би можело да создаде значителен економски ефект и да придонесе за раст на бруто-домашниот производ.

Владата, како што нагласи, сака Македонија да стане важна крстосница во регионот и во делот на енергетската инфраструктура.

Поради тоа, поддршката на големи гринфилд-инвестиции во обновливи извори на енергија останува меѓу приоритетите.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека комбинацијата од одржлив транспорт и зелена транзиција може да ја позиционира Македонија како лидер во регионот.

Тој посочи дека во реализацијата на проектот биле вклучени повеќе институции, министерства и локални самоуправи.

Божиновска: Не смееме енергетската иднина да ја оставиме во рацете на другите

Енергетската сигурност на Македонија не смее да зависи исклучиво од условите создадени надвор од државата, порача министерката за енергетика Сања Божиновска.

Таа оцени дека ветерниот парк има значење кое ги надминува рамките на една инвестиција.

Според неа, ваквите капацитети треба да придонесат за посигурно снабдување со електрична енергија, посилна економија и помала изложеност на надворешни енергетски потреси.

  • Не смееме енергетската иднина на Македонија да ја оставиме само на условите што ги создаваат другите, мораме да ја градиме со капацитетите кои ги создаваме тука – рече Божиновска.

Од „Алказар енерџи“ најавуваат дека наскоро треба да биде затворена финансиската конструкција и за останатите делови од проектот во Карбинци и Радовиш.

Со реализацијата на сите три фази, ветерниот парк треба да стане еден од најголемите проекти за производство на зелена енергија во регионот.

Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ