Бајрами утрово сам се предал на граничниот премин „Блаце“ и е спроведен во затворот во Скопје.
Поради законскиот рок за увид во обвинението, судењето продолжува на 18 септември.
Против поранешниот директор се водат уште четири дополнителни постапки во ОЈО Скопје.
Перпарим Бајрами утрово стави крај на повеќе од едногодишната недостапност за македонските органи на прогонот. Поранешниот прв човек на „Државна лотарија“ сам се предаде, по што веднаш беше спроведен во притвор.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Судското рочиште за случајот „Државна лотарија“, кое требаше да се одржи на 11 и 16 септември, е поместено за 18 септември. Причината е предавањето на првообвинетиот Бајрами, кој има законски рок од осум дена да изврши увид во обвинителниот предлог и доказниот материјал.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека Управата на КПУ Затвор Скопје го известила Судот дека Бајрами, кој претходно бил баран со меѓународна потерница, утрово бил спроведен во затворот каде ќе ја издржува претходно определената мерка притвор.
„Државна лотарија“ продолжува со сите обвинети во судницата
Судот во текот на денот треба да му достави примерок од обвинителниот предлог на Бајрами, по што тој ќе има осум дена законски рок да се запознае со содржината на обвинението и доказите.
Поради тоа, расправите закажани за 11 и 16 септември се отповикуваат, а судскиот процес ќе продолжи на 18 септември во 12 часот.
Од Основното јавно обвинителство Скопје, пак, потврдија дека против Бајрами веќе е поднесено обвинение и дека судската постапка во која тој е обвинет е во тек.
Според Обвинителството, за поранешниот директор на „Државна лотарија“ веќе е определена активна мерка притвор, а дополнително во ОЈО Скопје се водат уште четири постапки против него за истото кривично дело.
Во рамки на дополнителните постапки, како што информираат од Обвинителството, се прибираат докази и се вршат потребни вештачења.
Бајрами беше баран со меѓународна потерница
Меѓународната потерница по Перпарим Бајрами беше распишана откако тој стана недостапен за органите на прогонот. Утрово, според информациите, самиот се појавил на граничниот премин „Блаце“, по што бил лишен од слобода и спроведен во затворот во Скопје.
Бајрами е првообвинет во предметот кој се однесува на наводни злоупотреби во АД „Државна лотарија“ во текот на 2023 и 2024 година.
Покрај него, во случајот се обвинети и поранешниот вицепремиер Артан Груби, Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.
На почетокот на судскиот процес, останатите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Бајрами тогаш не беше присутен бидејќи беше недостапен за органите на прогонот.
Обвинетиот Башким Авдиу, пак, изјави дека не го разбира обвинението кое му се става на товар и побарало истото да му биде доставено во писмена форма на неговиот мајчин, албански јазик.
Штета од над 596 милиони денари
Според обвинението кое го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, обвинетите се товарат за дејствија преземени во текот на 2023 и 2024 година.
Обвинителството смета дека со пречекорување на службените овластувања била предизвикана штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари.
На обвинетите им се става на товар кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Со предавањето на Бајрами, судскиот процес за „Државна лотарија“ влегува во нова фаза. За првпат, првообвинетиот ќе биде достапен на македонските правосудни органи и ќе може директно да учествува во постапката што се води против него и останатите обвинети.
Следното рочиште е закажано за 18 септември, кога се очекува судењето да продолжи со присуство на сите обвинети во предметот.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА
Извори: Основен кривичен суд Скопје, ОЈО Скопје, МИА





