Кризата на детството во дигиталната ера
Значењето на слободната и спонтана игра
Потребата од поширока стручна и општествена дебата
Современото детство се соочува со сериозни предизвици во услови на забрзан технолошки развој, дигитална поврзаност и материјален напредок. Токму овие прашања се во фокусот на книгата „Криза на детството: Загубениот дух на детството и смислата на играта” на проф. д-р Кирил Барбареев, која, меѓу другото, е повод и за организирање на тркалезна маса на штипскиот универзитет со стручни лица и луѓе кои можат да дадат гледиште на проблемот од повеќе општествени аспекти.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Книгата ги отвора прашањата за смислата на играта
Проф. д-р Кирил Барбареев за Канал 77 посочува дека книгата е наменета за сите возрасни кои се грижат за развојот и воспитувањето на децата, од стручните педагошки служби до родителите:
„Целта на оваа книга е всушност да им овозможи на возрасните кои што се грижат за развојот и воспитувањето на детето да ги збогатат своите знаења од областа на теоријата на играта, колку е таа важна, колку сме ние свесни за значењето на играта во воспитно образовната практика и таа опфаќа неколку теми“, објаснува Барбареев.

Книгата започнува со анализа на поширокиот социокултурен контекст во кој живееме:
„На почеток нуди една анализа на еден поширок социокултурен контекст на реалноста во која што живееме низ еден пресек на традиционалните и современите сфаќања на детскиот развој. Читателот може да се води низ загатката на современата благосостојба – зошто децата денес имаат сѐ, а сепак губат нешто многу суштинско?“, вели професорот.
Дигиталниот развој и исчезнувањето на детската спонтаност
Еден од централните аспекти во книгата е прашањето за детството во време на незапамтен материјален напредок, технолошки можности и дигитална поврзаност. Според Барбареев, токму во такви услови се појавува парадоксот во кој современото детство се соочува со длабока криза.
„Еден друг дел од книгата зборува за тоа дека „детето е дух кој впива се“, којшто всушност е посветен на враќањето на корените и наоѓањето на одговори – Што е ова што се наоѓа денес во овој еден парадоксален историски момент, значи ние живееме во ера на еден незапамтен материјален напредок, на една дигитална поврзаност, на многу технички можности, но современото детство се соочува со можеби својата најдлабока криза“, посочува тој.

Во тој контекст, професорот ги истакнува дилемите кои се јавуваат кај пошироката јавност:
„И затоа секој од нас во стручната, во општата јавност, секој родител, секоја баба и дедо си го поставува прашањето – каде исчезна тој безгрижен детски дух, што се случува со децата, каде исчезна таа слободна спонтана автентична игра“, вели Барбареев.
Потреба од подлабоко разбирање на детскиот развој
Книгата, според нејзиниот автор, нуди поширок пристап кон разбирањето на кризата, нејзините причини и влијанијата врз детството:
„И затоа книгата нуди еден многу подлабок, посеопфатен аспект да ја разбереме оваа криза од каде доаѓа, заради тоа што знаете некој го препозна детството како голем интерес од материјален аспект, границата на она што е дете и како детето навлегува во светот на возрасните е многу намалена, многу спуштена, овде постојат многу огромни влијанија од она што претставува невоспитување во овој дигитален и технолошки развој“, истакнува професорот.

Тркалезна маса за кризата на детството
Тркалезната маса, чиј домакин е Универзитетот „Гоце Делчев“ има за цел да не се задржи само на промоцијата и содржината на книгата, туку да поттикне поширока стручна и општествена дебата. Учесници се луѓе од повеќе области, кои на темата ѝ пристапуваат од педагошки, психолошки, уметнички, родителски и социо-емоционален аспект.
Професорката Лена Дамовска од Филозофскиот факултет зборува од областа на педагогијата, додека професорот Љупчо Кеверевски дава стручна психолошка перспектива. Професорот Томислав Таневски се осврнува на улогата на уметноста и музиката во развојот на детето и неговите сетила.
Од аспект на родителството зборува магистер Марко Трошановски, кој во изминатиот период се залага за укинување на социјалните мрежи кај децата до 15 години. Експертката Мирјана Ѓорговска Ѓуров, исто така магистер, се осврнува на социо-емоционалните вештини неопходни за растот и развојот на децата.
Барбареев смета дека книгата може да биде интересна и за пошироката јавност, бидејќи темите што ги обработува не се ограничени само на стручната заедница, туку се однесуваат на сите кои учествуваат во растењето, воспитувањето и развојот на децата.
Тркалезната маса овозможува размена на мислења меѓу експерти од различни области и го отвора прашањето за тоа како општеството може подобро да ги разбере потребите на децата, значењето на играта и условите неопходни за здрав и целосен детски развој.
(Каровски М.)
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА.




