Штипското обвинителство доби Истражен центар: Четворица истражители ќе работат на финансиски и економски криминал

Истражниот центар во Основното јавно обвинителство-Штип официјално започна со работа, со цел да им помогне на обвинителите во истрагите и собирањето докази. Центарот е шести од ваков тип во земјава, а во моментов функционира со двајца од предвидените четворица истражители.
Истражен центар при ОЈО Штип | Фото: Каровски Мартин
Истражен центар при ОЈО Штип | Фото: Каровски Мартин

Штип го доби шестиот истражен центар во земјава

Фокус на финансискиот и економскиот криминал

Обвинителството најавува проширување на истражителскиот состав

Истражниот центар во Основното јавно обвинителство-Штип започна со работа, а почетокот официјално го означија државниот обвинител, Ненад Савески, и основниот јавен обвинител во ОЈО-Штип, Татјана Кацарова.

Центарот треба да обезбеди дополнителна поддршка за јавните обвинители во истражните постапки, особено во собирањето докази и постапувањето по предмети поврзани со финансиски и економски криминал.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

Шести истражен центар во јавните обвинителства

Савески посочи дека истражните центри имаат значајна улога во работата на обвинителствата и во директната комуникација меѓу јавните обвинители и истражителите.

„Истражниот центар во ОЈО Штип веќе ги има првите активности, за што подетално ќе бидете запознаени. ​Јас денес би сакал да се осврнам малку повеќе на важноста на истражните центри ширум целата наша држава, односно истражните центри за јавните обвинителства коишто веќе стартуваат со својата работа и резултати секако покажуваат во обвинителствата. ​Имено, Истражниот центар во ОЈО Штип всушност е шести Истражен центар. Постојат истражни центри во ОЈО Скопје, Тетово, Куманово, Битола и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Праксата покажува дека истражните центри стануваат вистински јадра на истражната дејност на обвинителствата каде што тие функционираат. ​Директната континуирана комуникација меѓу јавните обвинители и истражителите во моментите кога постапуваат по предметите и прибавуваат докази, значително ја олеснува работата на јавните обвинителства. Истражните центри овозможуваат олеснето водење на финансиски истраги, а особено се ефикасни во постапувањето на предмети од, како што споменав, финансиски и економски криминал, затоа и нивната искористеност е премногу голема – вели Савески.

Ненад Савески, Државен јавен обвинител | Фото: Каровски Мартин

Според Савески, со отворањето на истражниот центар во Штип, во земјава сега функционираат вкупно шест вакви центри. Тој истакна дека нивната работа придонесува за полесно водење истраги и поефикасно прибавување докази.

Статистиката од ОЈО Скопје како поттик за отворање на центарот

Државниот јавен обвинител Савески информираше дека Истражниот центар во ОЈО Скопје во периодот од јануари до август годинава презел вкупно 7.356 дејствија, при што се постапувало по 2.325 предмети.

„Бројот на предмети по кои постапувал овој истражен центар е за околу 40% поголем во споредба од целокупниот број на предмети по кои се постапувало во 2025 година.​Оваа статистика од ова обвинителство е практично подтикот дека денес сме тука за да отвориме Истражен центар во ова обвинителство.​Важноста на истражните центри за самостојно постапување на обвинителствата ја препознаваат и нашите донатори, за чија континуирана поддршка, пред сè во опрема и обуки, сакам сега во оваа прилика да се заблагодарам. ​Дел од нив се како претставниците на Амбасадата на САД и проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, коишто се тука денес со нас. Без нивната помош практично е невозможно да се обезбеди во целосен капацитет оперативноста на истражните центри-вели Савески.

Савески нагласи дека поддршката од донаторите, особено во делот на опремата и обуките, е важна за целосната оперативност на истражните центри.

Штипскиот центар работи со двајца истражители

Во Истражниот центар во Штип предвидено е да работат четворица истражители, но во моментов се ангажирани двајца. Основниот јавен обвинител Татјана Кацарова вели дека и со актуелниот состав работата се одвива на задоволително ниво, а се очекува пополнување и на преостанатите две места.

„Во моментот со двајцата истражители работата се одвива на сосема задоволително ниво, благодарение на целокупната организациона поставеност на самото обвинителство. Почнувајќи од мене како раководител, преку сите други вработени во обвинителството коишто сме во кохезија при работењето со истражителите. Истите ја имаат максималната техничка опременост благодарение на нашите донатори. Учествуваат максимално при анализа на предметите, анализа на кривично-правни настани, на примени поднесоци, даваат свои идеи, веднаш постапуваат и реагираат на нашите наредби за вршење увид, одземање документација, разговори со оштетени, со осомничени и сè она што им следува што е пропишано со Законот за кривична постапка-вели Кацарова.

Татјана Кацарова, Јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Штип | Фото: Каровски Мартин
Татјана Кацарова, Јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Штип | Фото: Каровски Мартин

Истражителите учествуваат во анализата на предметите, кривично-правните настани и примените поднесоци, а постапуваат и по наредбите на обвинителите за вршење увид, одземање документација и разговори со оштетени и осомничени лица.

Најавено пополнување на истражителските места

Државниот јавен обвинител Савески информираше дека до крајот на годинава законски истекува мандатот на поголем број истражители кои три години работеле во најголемите истражни центри во Јавното обвинителство.

За пополнување на овие места се распишани интерни огласи преку Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа.

„Ни требаат дваесетина квалитетни истражители на кои можеме да им ветиме средина во која навистина ќе можат да ги реализираат нивните капацитети, да ги искористат на најдобар можен начин во функција на правото и правдата. Посакувам овој Истражен центар во ОЈО Штип да има исто така успешна работа во периодот којшто претстои, за кратко време да се пофалиме и со значителни резултати-вели Савески.

Отворањето на Истражниот центар во ОЈО-Штип е дел од напорите за зајакнување на истражните капацитети на обвинителствата. Во центарот веќе се преземаат активности, а со очекуваното пополнување на преостанатите места се планира дополнително да се зајакне неговата работа.

Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ