Науката ги отвора вратите за младите: УГД ја одбележува Европската ноќ на истражувачи

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип денеска ја одбележува „Европската ноќ на истражувачи“ со дебати, презентации, научни експерименти и културна програма. Главниот настан ќе се одржи вечерва во спортската сала „Јордан Мијалков“, со почеток во 18 часот.

УГД ги отвора лабораториите за студентите и средношколците

Научни експерименти, предавања и панел-дискусии

Богата програма во спортската сала „Јордан Мијалков“

Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип денеска со низа дебати и презентации пред студентите, средношколците и граѓаните ја одбележува „Европската ноќ на истражувачи“. Научната манифестација обединува повеќе од 50 универзитети ширум Европа, а целта е науката и истражувачката работа да им се приближат на пошироката јавност и на младите.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

УГД ги отвора вратите за младите и граѓаните

Проректорот на УГД-Штип, Дарко Лазаров, на денешната прес-конференција истакна дека универзитетот преку манифестацијата сака да ја претстави својата научно-истражувачка работа и да ги поттикне младите да се запознаат со науката преку непосредно учество.

„За таа цел широко ги отвараме вратата, односно вратите на нашиот универзитет за студентите,  за младите средношколци, меѓутоа и за љубопитните граѓани. Преку серија на активности, интерактивни работилници, научни експерименти, меѓутоа и преку културни, односно уметнички манифестации ќе се обидеме да го промовираме универзитетот, меѓутоа и неговата научно-истражувачка димензија односно улога во општеството – вели Лазаров.

Дарко Лазаров, Проректор за инвестиции, одржување и развој при УГД | Фото: Каровски Мартин
Дарко Лазаров, Проректор за инвестиции, одржување и развој при УГД | Фото: Каровски Мартин

Лазаров посочи дека на овој начин УГД-Штип покажува оти е модерен европски универзитет, отворен и транспарентен кон јавноста. Тој истакна дека целта на универзитетот не е само создавање научни знаења, туку и нивно пренесување кон младите и примена во решавањето на предизвиците со кои се соочува општеството.

Отворени лаборатории и научнопопуларни предавања

Александра Милева од Факултетот за информатика при УГД-Штип истакна дека манифестацијата ја слави науката како двигател на општествениот развој, и во минатото и денес.

Програмата предвидува отворање на лабораториите, изведување експерименти и научнопопуларни предавања, преку кои младите ќе имаат можност одблиску да се запознаат со истражувачката работа на универзитетот.

„Ги отворивме вратите на лабораториите, ќе има, младите ќе можат да се запознаат со нашите лаборатории, ќе има изведување на експерименти, ќе има научнопопуларни предавања, ќе има панел-дискусија за храната каде што ќе научат дека храната може да им биде пријател или непријател на нивното здравје. Главниот настан се случува вечерва, каде што ќе имаме богата уметничко-културна програма, но исто така ќе имаме и изложување на претставување на сите факултети и лаборатории и дел од средните училишта од Штип и Источна Македонија – изјави Милева.

Проф. д-р Александра Милева, декан на Факултетот за информатика при УГД | Фото: Каровски Мартин
Проф. д-р Александра Милева, декан на Факултетот за информатика при УГД | Фото: Каровски Мартин

Покрај научните активности, предвидена е и панел-дискусија посветена на храната и нејзиното влијание врз здравјето. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со работата на факултетите и лабораториите, како и со дел од средните училишта од Штип и Источна Македонија.

Главниот настан вечерва во Штип

Централниот дел од одбележувањето на „Европската ноќ на истражувачи“ ќе се одржи вечерва, со почеток во 18 часот, во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип.

За посетителите е подготвена богата уметничко-културна програма, како и претставување на факултетите, лабораториите и учесниците во манифестацијата.

Со организирањето на настанот, УГД-Штип има за цел да ја доближи науката до младите и граѓаните, да го поттикне интересот за истражување и да ја истакне улогата на научното знаење во современото општество.

Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ