Пропаѓањето на Авто Атом го отсече Кочани: Граѓаните без сигурни линии, студентите плаќаат до 5.000 денари месечно

Авто Атом Кочани
Авто Атом Кочани

Студенти тврдат дека месечниот билет Кочани–Штип со одредени превозници достигнал 5.000 денари, а повратниот со тн. „диви таксисти“ и до 500 денари

Во Министерството за транспорт се води постапка за преземање на линиите на „Авто Атом“

Најавени се нови превози кон Скопје, Штип и преку Кочани, но дел од нив сè уште не се реализирани

Жителите на Кочани и соседните населени места се соочуваат со сериозни проблеми во меѓуградскиот превоз по престанокот на работата на „Авто Атом“. Компанијата на 20 септември официјално престана со работа по реализацијата на последната линија Скопје–Кочани во 18:30 часот, по 24 години работа, а со тоа надвор од функција остана и автобуската станица.

Проблемот особено ги погодува граѓаните кои немаат сопствен автомобил, меѓу кои се ученици, студенти, пензионери, работници и лица кои секојдневно патуваат поради здравствени потреби.

За студентите од Кочани кои патуваат до Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, состојбата значи и дополнителен финансиски и временски товар. Тие во својата вчерашна реакција до локалните кочански медиуми реагираат дека месечниот билет за релацијата Кочани–Штип достигнал 5.000 денари, додека дневниот повратен билет со локални превозници може да чини и до 500 денари.

Студентите се принудени да плаќаат и до 5 илјади денари месечно за превоз до штипските факултети
Студентите се принудени да плаќаат и до 5 илјади денари месечно за превоз до штипските факултети

Дополнителен проблем е и возниот ред. Студентите посочуваат дека од Кочани мораат да тргнат уште во 6 часот наутро, додека првите можности за враќање од Штип се во 13 часот или дури во 20 часот, поради што за неколку часа предавања им се одзема речиси цел ден.

Тие велат и дека при контакт со превозници и локални агенции добиваат различни информации за тоа кој ги презел линиите на Авто Атом.

Од Општина Кочани потврдуваат дека во моментов во Министерството за транспорт се води постапка за преземање на меѓуградските автобуски линии кои досега ги одржувал „Авто Атом“. Постапката ги опфаќа релациите Кочани–Штип, Кочани–Скопје и Кочани–Блатец.

Градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, за Канал 77 укажува дека Општината не е одговорна за затворањето на „Авто Атом“, бидејќи станува збор за приватна компанија, но посочува дека последиците се чувствуваат во секојдневниот живот на граѓаните.

„Авто Атом“ е приватна компанија, чие работење и деловни одлуки не се во надлежност на Општина Кочани. Општината не е одговорна за нејзиното затворање, но свесни сме за последиците што оваа состојба ги предизвикува врз секојдневниот живот на граѓаните, особено на учениците, студентите и на сите кои редовно користат меѓуградски превоз“, вели Грозданов.

Владко Грозданов, градоначалник на Општина Кочани
Владко Грозданов, градоначалник на Општина Кочани

Тој додава дека засега нема конкретно и трајно решение, но дека Општината секојдневно работи на проблемот и ги разгледува можностите за негово надминување.

„Нашата цел е да се обезбеди редовен и достапен превоз, а во рамките на тој процес ќе бараме решение и за автобуската станица, во соработка со надлежните институции и со превозниците“, вели градоначалникот.

Во меѓувреме, од вчера се најавени и неколку нови можности за превоз. Лиценцирана компанија за меѓуградски автобуски превоз со седиште во Струмица најавила две автобуски линии од Кочани до Скопје и назад.

Превоз е најавен и од превозник од Делчево, кој планира да сообраќа со минибуси на релацијата Делчево–Македонска Каменица–Кочани–Штип–Скопје.

Сепак, станува збор за најави, а реализацијата на овие превози допрва треба да се следи.

Исто така, надвор од функција е автобуската станица во Кочани, па патниците се принудени да чекаат на отворено, без навремени најави во измени на линиите, ниту со можност предвреме да купат карта која има го гарантира патничкото место.

Автобуската станица во Кочани исто така е надвор од функција

Градоначалникот Грозданов се осврнува и на информациите за зголемени цени кај нерегистрирани превозници, односно таканаречени „диви таксисти“. Тој вели дека Општината досега не била запознаена со ваквите наводи.

„Досега не бевме запознаени со наводите за превисоки цени што ги наплаќаат нерегистрирани превозници, односно таканаречени „диви таксисти“. Информациите што ги посочувате заслужуваат внимание, како поради дополнителниот финансиски товар за граѓаните, така и поради нелојалната конкуренција кон превозниците кои работат легално“, вели тој.

Градоначалникот најавува дека Општината ќе упати предупредување и апел до такси-превозниците да не ја користат новонастанатата ситуација за неоправдано зголемување на цените, а од надлежните служби ќе побара да ги проверат наводите за нелегален превоз.

„Ќе упатиме јасно предупредување и апел до такси-превозниците да не ја злоупотребуваат новонастанатата ситуација со неоправдано зголемување на цените. Воедно, ќе побараме од надлежните служби да ги проверат наводите за нелегален превоз и да постапат во рамките на своите надлежности“, посочува градоначалникот.

Од Општината велат дека се свесни оти граѓаните очекуваат конкретно решение и дека ќе продолжат да бараат поддршка и соработка од надлежните централни институции.

Жаклина Пауновска Анѓелковиќ, инспектор за патен сообраќај во Општина Кочани

Во меѓувреме, овластениот инспектор за патен сообраќај во Општина Кочани, Жаклина Пауновска Анѓелковиќ апелира до сите граѓани и студенти доколку забележат какви било неправилности при превозот на патници, веднаш да ги пријават до надлежните локални и државни инспекциски органи.

За пријави до Општина Кочани, надлежен е таа и пријавите може да се извршат на телефон 078/354-079.

Неправилностите може да се пријават и до Државниот инспекторат за транспорт на телефон 02/2464-510.

Најавените нови линии оставаат надеж дека состојбата постепено ќе се нормализира, но клучното прашање останува кога Кочани повторно ќе добие автобуска станица и редовен, достапен и сигурен меѓуградски превоз.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ