23-годишната кочанчанка Ива Михаилова деновиве не престанува да ја бранува јавноста, откако побегна од соочување со македонските правосудни органи за тешката сообраќајна несреќа на експресниот пат Штип – Кочани минатата година, во која повеќе лица се повредени, а 33-годишен маж го загуби животот.
Обвинителството ја гони Михаилова дека возела со неприлагодена брзина и во моментот на несреќата била навлезена во спротивната сообраќајна лента. Ставот на одбраната е, пак, дека Михаилова не навлегла во спротивната сообраќајна лента, туку дека другото возило навлегло во нејзината избегнувајќи полициско возило запрено покрај неговата сообраќајна лента.
Додека траеше судската постапка, Ива тврдеше дека има сериозни последици врз здравјето од сообраќајната несреќа, кои бараат итно лекување надвор од земјата. Но, Ива за своите тврдења не доби потврда ниту од конзилиум, ниту од Фондот за здравствено осигурување.
Ива Михаилова тврди дека намерно не добила позитивно мислење од македонските здравствени власти затоа што, како што вели, судскиот процес против неа во Македонија е заради нејзината бугарска самосвест и потекло, а не заради официјалните причини за процесот.
За да се надмине ситуацијата со Бугарија, Македонија се согласи бугарски тим од лекари да дојде во Македонија и да изврши преглед на Михаилова и да утврди чии наводи се вистинити – на македонските лекари или на Михаилова.
И токму кога се договори тоа, Михаилова побегна од државата.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, на прашање на Канал 77 одговори дека негово мислење е дека токму тоа е причината за бегството на младата кочанчанка:
„Мислам дека бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум тука. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш ќе излезеа работите на виделина какви се. Јас патувам во Софија, ќе разговарам секако со нивното министерство за тоа. Бидејки во основа таму нема здравствен случај.“ – изјави Клековски.
Распишана меѓународна потерница
Министерството за внатрешни работи распиша потерница по Михаилова, а како што се наведува во соопштението од МВР, лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на Основен суд Кочани за кривично дело по член 300 став 4 и член 297 став 3 од Кривичниот законик.

Кочанскиот суд и има изречено мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за напуштање на државата, но поради нивно непочитување таа денеска доби триесетдневен притвор, што ќе се смета од моментот кога ќе биде приведена.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во телевизиско интервју изјави дека таа нелегално ја напуштила државата и најави распишување меѓународна потерница.
„Се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови слободи и права, се она што значи нормална европска држава каква што Бугарија тврди дека е и суштински и е дел од семејството на ЕУ“ – рече Тошковски во интервју за Сител.
Тоа Бугарија, вели тој, треба да го покаже со дела а не само со декларативни изјави.
Македонското МВР претходно соопшти дека таа нелегално излегла од Македонија и нелегално влегла во Бугарија.
„Преку заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија“ – соопшти синоќа МВР.
Медиумите во Бугарија објавија дека Михајлова се наоѓа во Софија.
(Каровски М.)





