Бугарскиот амбасадор Радуков тврди дека би бил исклучително изненаден ако властите во Македонија не знаеле за бегството на Ива Михаилова

Желјазко Радуков, амбасадор на Бугарија во Македонија
Желјазко Радуков, амбасадор на Бугарија во Македонија

Бугарскиот амбасадор во Скопје Жељазко Радуков изјави дека би бил исклучително изненаден ако властите во Македонија не знаеле за напуштањето на Ива Михајлова од земјата. Според неговите зборови, бугарската држава не била информирана за нејзината намера да замине, а веста стигнала до бугарската амбасада преку медиумите.

Радуков го коментираше случајот пред бугарската телевизија bTV, откако беше повикан на средба во Министерството за надворешни работи во Македонија. Поводот е напуштањето на земјата од страна на Ива Михајлова, која заминала со својот бугарски адвокат, без на граничните пунктови меѓу Бугарија и Македонија да има информација за нејзиното поминување.

„Би било малку недипломатски да споделам точно како помина оваа средба. Но да се ограничиме на најопштото – нашите соседи од Северна Македонија ја изразија својата загриженост за случајот. Од моја страна јас исто така ја изразив нашата загриженост“, изјави бугарскиот амбасадор.

Тој појасни дека ниту бугарската држава, ниту лично тој немале информација дека Михајлова се подготвува да ја напушти Македонија.

„Напротив, ние очекувавме да продолжи судскиот процес по основното дело, како и разгледувањето на жалбите кои постојано се поднесуваа за нејзино ослободување заради лекување. Се подготвуваше и заедничка работа на медицинска комисија, веќе со учество на бугарски лекари, кои требаше да ја разгледаат документацијата и можностите за нејзиното лекување“, објасни Радуков.

Според него, бугарската амбасада дознала за дејствијата на Ива Михајлова и нејзиниот адвокат од медиумите. „Од вас дознав. Вие не информиравте. Тоа не беше најсоодветниот и најдобриот начин да дознаваме за нешто што сепак е толку важно“, коментира тој.

Радуков изјави дека амбасадата ѝ укажувала помош на Михајлова во сите аспекти – не само по класичните конзуларни прашања, туку и во врска со нејзината положба како македонска Бугарка, вклучително и преку механизмот за поддршка на македонските Бугари.

„Беше обезбеден еден од најдобрите адвокати во земјата. Беа платени немалку трошоци поврзани со тоа, како и немалку експертизи. Беа одржани низа средби. Тоа значи дека ние направивме сè потребно за неа, за да стигне до успешен крај, но сепак по правилен и редовен начин“, рече амбасадорот.

Тој го определи напуштањето на Михајлова како изненадување и изјави дека не може да поддржи такво дејствие, иако го разбира нејзиното очајување.

„Нема како да не го разбереме очајувањето и ужасната ситуација во која беше ставена. Нема како да не разбереме дека од неа се бара да има доверба во еден судски систем во која јавноста тука има доверба некаде околу 2 %“, изјави Радуков.

Според него, во Македонија постојат механизми за ослободување на луѓе во слична положба заради лекување во странство, кои се применуваат релативно брзо. Тој даде пример со новинар кој бил ослободен за да го придружува својот роднина на лекување во странство.

„Но овој механизам, којзнае зошто, не беше применет кон самата неа. И соодветно – како да има доверба во системот? Најмногу – како таа да има доверба во систем во кој лекарите тука велат дека потребното лекување не се применува и не може да биде применето во Северна Македонија“, коментира бугарскиот амбасадор.

Радуков нагласи дека случајот од самиот почеток бил хуманитарен, но според него добил политички карактер поради начинот на кој била третирана Михајлова.

„За жал, да. Ова беше од самиот почеток хуманитарен случај. Токму моите домаќини диктираа дали тој ќе се претвори во политички или не. Со одлуката госпоѓа Михајлова да биде третирана на начин различен од сите останати – а таа се разликува од сите останати само по тоа што е Бугарка – овој случај доби една политичка диверзија – како во нашата земја, така и потоа тука. И тоа беше апсолутно непотребно“, изјави тој.

Според Радуков, развојот на случајот го одвлекол вниманието од прашањето зошто кон Михајлова не биле применети правилата што важат за останатите луѓе во Македонија.

„Кога почнуваме да размислуваме кој што направил и со каква цел, ако не знаеме и не располагаме со доволно информации, добро е да си го поставиме едно големо прашање: кој добива и кој губи?“, рече амбасадорот.

Според него, Бугарија имала сериозна меѓународна поддршка и аргументи во полза на ослободувањето на Михајлова за лекување во странство. Тој смета дека Македонија има поголема корист од начинот на кој се развива ситуацијата.

„Прво, еден многу јасен случај на очигледна дискриминација се разводнува и во моментов наместо да зборуваме зошто кон госпоѓа Михајлова не се применуваат правилата за сите останати, зборуваме за тоа како таа ја поминала границата меѓу двете држави“, објасни Радуков. Тој посочи и дека развојот на случајот го одвлекува вниманието од европскиот притисок врз Македонија да разговара со Бугарија за исполнување на преземените обврски и напредокот по европскиот пат на земјата.

Бугарскиот амбасадор потсети дека двата пасоши на Михајлова биле одземени со судска одлука уште во октомври минатата година. Според неговите зборови, таа не можела да ја напушти земјата со нив, немала македонска лична карта и била ставена на стоп-листа. Освен тоа, пред нејзиниот дом редовно имало полициска патрола, а при нејзините излегувања била следена од цивилни полициски службеници.

„Самата таа споделуваше за дронови над куќата во ноќните часови. И одеднаш сето тоа на некој начин исчезнува и таа ја поминува границата? Ви се молам“, изјави Радуков.

На прашањето дали е можно нејзиното напуштање да се случило без знаење на властите, тој одговори: „Тоа не можам да го тврдам, но би бил исклучително изненаден ако не било усогласено“.

Амбасадорот допушти дека секој пропуст е можен, но нагласи дека Македонија е современа држава со сериозни правосудни органи, особено при случаи со голем политички одглас.

Извор: bTV Новините

Превод: (К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ