(Видео) Европа врие! Палки во Мадрид, полициски час во Париз, водени топови и солзвец во Тирана

Фто: МИА

По протестите и немирите, властите во Париз од вечерва воведуваат полициски час во реонот на Плоштадот на Републиката и улиците околу салите. Делумниот полициски час стапува во сила во 22 часот по локално време и ќе трае до шест часот.

Претходно, премиерот на Франција Себастијан Лекорну изјави дека побарал од локалните власти вечерва да воведат делумен полициски час по насилните протести што ја потресоа целата земја во текот на викендот. Тој најави дека доколку е потребно ќе се прогласи и вонредна состојба.

 Протестот на наставници против образовната политика на регионалната влада во Мадрид денеска ескалираше во судири со полицијата. Стотици демонстранти денеска ги блокираа влезовите на палатата Сантоња во центарот Мадрид, каде што се одржуваше настан на кој учествуваше премиерката на автономниот регион, Изабел Дијаз Ајусо. Полицијата презеде мерки против демонстрантите за да обезбеди пристап до зградата. На снимките се гледа како полицијата ги турка и ги удира со палки наставниците кои мирно протестираа.

Ајусо го обвини шпанскиот премиер Педро Санчез и „антидемократската левица“ за организирање „стратегија на лично и институционално вознемирување“ против неа. Додека околу 200 наставници го блокираа автопатот А-3 на периферијата на Мадрид користејќи училишни клупи и столчиња, што го наруши сообраќајот. Протестот траеше околу еден час.

Наставниците во Мадрид, но и во Валенсија и во Каталонија почнаа неограничен штрајк поради лошите работни услови, ниските плати и недоволното финансирање на јавното образование.

 Во главниот град на Албанија, Тирана денеска, седми ден по ред, продолжија антивладините протести, а полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите, кои фрлаа камења, петарди и молотови коктели. Протестот почна во попладневните часови, додека демонстрантите маршираа од Канцеларијата на премиерот по булеварот „Маченици на нацијата“ кон плоштадот Скендербег.

Дел од демонстрантите фрлаа петарди, пиротехнички средства и молотови коктели, а полицијата употреби солзавец и водни топови за да ја растера толпата, која продолжи кон Министерството за внатрешни работи и плоштадот Скендербег.

Демонстрантите фрлаа камења, кршеа прозорци на зградата на Апелацискиот суд и запалија корпи за ѓубре на неколку раскрсници низ главниот град. Поради немирите и судирите со полицијата приведени се повеќе демонстранти.

Протестите почнаа поради долгогодишни проблеми во образовниот систем, лошите услови за студирање, недоволните инвестиции, високите цени за изнајмување и недостатокот на студентски сместувачки капацитет како главни проблеми. Студентите најавија дека не се откажуваат од своите барања и дека ќе продолжат протестите.

На студентските протести во Албанија им се придружија и други граѓани, а исто така се проширија и барањата, а едно од нив е оставка од премиерот Еди Рама. МИА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ