Наставничка од германскиот град Дуисбург е под истрага на обвинителството поради сомнеж за измама, откако речиси 17 години била на непрекинато боледување и примала целосна плата, објави „Велт“.
Обвинителството покрена постапка против неа откако било откриено дека како државна службеничка речиси 17 години ја примала целосната плата, иако во тој период не одржала ниту еден час настава.
Поради тоа, регионалната влада наредила нејзино присилно пензионирање.
Наставничката ја оспорува одлуката и поднела тужба до Управниот суд во Дизелдорф, со барање да ја прима целосната плата што ја добивала како активна службеничка, наместо редовната пензија која во нејзиниот случај би изнесувала околу четири илјади евра месечно.
Обвинителството бара затворска казна и враќање на 248 илјади евра за кои се сомнева дека биле незаконски присвоени.
Дополнителен елемент во истрагата се и нејзините деловни активности. Имено, додека официјално била прогласена за целосно неспособна за работа, таа развивала приватен бизнис со козметички производи, за што дури добила и награда за претприемништво.
Случајот привлече големо внимание и поради недостигот на наставен кадар во Дуисбург. Градот со години се соочува со сериозен недостиг на наставници во своите 128 училишта, во кои има околу 70 илјади ученици.
За да привлечат нови наставници, локалните власти организираат посебни кампањи што вклучуваат воведни обиколки на градот и поволности, како привремено бесплатно сместување.МИА







