Најмалку 46 лица загинаа денеска, и над 100 се повредени во судир меѓу два воза во шпанската покраина Толедо, јавија шпански медиуми кои се повикуваат на извори во тимовите за спасување.
Железничкиот сообраќај на брзата линија меѓу Мадрид и Андалузија е прекинат во двата правци, објави компанијата Адиф, која управува со железничката инфраструктура во Шпанија.
Несреќата се случила околу 9 часот наутро по локално време кога воз на компанијата Ренфе удрил во воз на приватниот превозник Ирјо, кој сообраќал на линијата Мадрид-Севиља. Според Адиф, едниот воз го удрил другиот кој од непознати причини стоел на железничката пруга, јавија шпански медиуми без да наведат извор на тоа тврдење..
„Дојде до судир меѓу два воза и има повредени. Цивилната заштита нè замоли да подготвиме спортска сала доколку е потребно за лекување на луѓе“, изјави градоначалникот на Урда, Мануел Галан, за шпанската јавна телевизија. Регионалната влада на Кастиља-Ла Манча побара распоредување на Воената единица за одговор при итни случаи (УМЕ).
На местото на несреќата се испратени членови на Цивилната гарда, пожарникари од блиските градови Толедо и Сиудад Реал, волонтери од Цивилната заштита и медицински тимови, кои почнаа да поставуваат напреден медицински пункт за лекување на повредените.
Несреќата, исто така, ги натера неколку водечки шпански политичари да ги откажат планираните активности во средина на изборната кампања.
Шпанскиот премиер Педро Санчез објави на Х дека шокиран поради несреќата и изјави дека е во постојан контакт со министерот за транспорт Оскар Пуенте и претседателот на регионалната влада каде што се случи несреќата.
„Итни служби работат на терен за да им помогнат на жртвите и да ја гарантираат нивната безбедност, во координација со сите вклучени институции“, напиша Санчез на социјалната мрежа X, изразувајќи солидарност со жртвите и нивните семејства.
Денешната несреќа е втора голема железничка несреќа со смртоносни последици во Шпанија оваа година. Во судир на два воза на југот од земјата на 18 јануари загинаа најмалку 45 лица, а 170 беа повредени. МИА






