Врсничкото насилство бара заедничка одговорност, родителите мора повеќе да се вклучат, вели Јаневска

Фото: Видео

 Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изрази загриженост поради појавите на врсничко насилство во земјава, и покрај агресивните кампањи и преземените мерки од страна на институциите, посочувајќи дека МОН има изработено прирачници за училиштата, воспоставен е систем на постапување, и организирани се бројни обуки за наставниците и стручните служби, како и повеќемесечна соработка со Комората на психолози за рано препознавање на насилството.

Јаневска потенцираше дека грижата за децата не може да биде препуштена само на училиштата или институциите, туку таа е заедничка и родителите мора активно да се вклучат во нејзиното спречување, оценувајќи дека не е зголемен процентот, туку дека е забележана зголемена бруталност и нова загрижувачка појава на „апатија“ кај останатите деца кои со своето неделување, снимање и гледање де факто стануваат соучесници.

Како одговор на овие состојби, Јаневска рече дека преземале повеќе активности – побарале наставниците да се во ходниците и во дворовите, како и казна за родителите од 250 евра, што сè уште е во собраниска процедура.

– Мене ми е жал што сè уште во Македонија се случуваат вакви нешта, иако ние како Министерство водиме агресивна кампања против врсничкото население. Направени се прирачници за во училиштата, воспоставен е систем на делување во случај на врсничко насилство во училиштето, за наставниците, за стручната служба, за директорите, поврзаноста на образовниот систем со социјалните служби, со МВР … Имаме две кампањи кои течат на медиумите и против сајбер насилството има прирачник, и да не ги набројувам сите – изјави Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање во однос на Тетово и зголеменото врсничко насилство помеѓу малолетници, во рамки на денешната панел-дискусија „Извештајот на Европската Комисија за 2026 – напредок и реформи“ во Владата.

Јаневска, исто така, посочи дека склучиле договор со Комората на психолози кои неколку месеци работеле на терен, ги подучувале наставниците, стручните служби и родителите.

– Се обидовме да вклучиме родители, оти тие се значајна алка. Таму оди малку потешко процесот, но и тоа го правиме, во правец на рано препознавање кај детето дека трпи некаков вид насилство и го поврзавме со семејното насилство, затоа што стручњаците велат дека голем процент од врсничкото насилство е поврзано со семејното насилство – изјави Јаневска, најавувајќи дека од оваа кампања ќе има и платформа на која ќе може секој наставник, секој родител, секој социјален службеник да пристапи, каде што психолозите ги даваат советите како треба да се работи со овие деца.

Грижата е заедничка и родителите, нагласи Јаневска, во таа грижа мора да се вклучат.

– Секој треба да сноси одговорност за секоја акција што ја спроведува. И малолетниците, без оглед што се малолетници, но и нивните родители секако треба да имаат одговорност. Ова повеќе пати сме го кажале и мора да станат свесни дека мора сите заедно да водиме грижа за децата. Не може грижата за децата да биде препуштена само на училиштата или само на Заводот за социјална служба или само на МВР – изјави Јаневска.

Ќе продолжиме агресивно да водиме кампањи и обуки против врсничкото насилство, додаде министерката Јаневска, посочувајќи дека, за жал, тоа не е само појава во Македонија. 

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ