- Турска компанија, чија доминантна дејност е авио сообраќај се најавува како нов потенцијален сопственик на акциите на АД ФК „Брегалница 2008“ од Штип
- Претставници на турската компанија го следеле минатонеделниот натпревар на „Брегалница“ со „Башкими“ во Куманово
- Завршната сметка за 2025 година покажува влошени финансиски резултати на клубот, а загубата се зголемила за нешто над три милиони денари
Додека со месеци се исчекуваше финализирањето на договорот на АД ФК „Брегалница 2008“ – Штип со германскиот спортски директор Франк Петер Соломон, деновиве штипската спортска јавност разбра за влез на турска компанија во штипскиот клуб.
Со посредство на фирма од Штип, чиј сопственик е од турски етникум, се очекува акциите на „Брегалница“ да ги купи компанија од Турција, која работи во дејноста авио-сообраќај. Ова е неофицијалната информација, која засега од општината Штип, како единствен сопственик на клубот, за Канал 77 одбија да ја коментираат.
Слушајте радио во живо
Според некои информации договорот е дефиниран, додека претставниците на турската компанија прават увид во финансиите на „Брегалница“. Последниот настап на клубот во Куманово на 8 ноември, кога одигра 1:1 со „Башкими“ бил проследен од неколку луѓе на потенцијалниот нов сопственик.
Се споменува и комплетно нов стручен штаб. Џенгис Реџепи се најавува како нов тренер, по завршувањето на договорот со клуб од Косово, а името на Горан Здравков кој неодамна се спогодбено раздели со „Детонит Плачковица“ од Радовиш, се споменува како спортски директор.
Прочитајте на темата:
Претставници на германскиот инвеститор во ФК Брегалница се во Штип – ќе се стави ли потпис?
Правно, продажбата на акциите е овозможена, откако Советот на општина Штип во јуни донесе одлука за ставање на берза на 51 отсто од акциите. Одлуката за продажбата беше подготвена за германскиот спортски директор Соломон, кој никогаш не ги реализира до крај искажаните намери, ниту акциите беа пуштени во продажба.
Непотврдена останува и информацијата дека наводно била дадена и извесна сума на пари од заинтересираниот германски инвеститор во периодот пред влез на „Брегалница“ во Првата фудбалска лига, што бил еден од главните услови за влез на Германецот во клубот. Оваа „пред-инвестиција“ деновиве се проблематизирала, бидејќи со влезот на турската компанија, овие средства остануваат прашање со 100.000 одговори.
Прочитајте и за ова:
Ова ќе биде трет обид за продажба на мнозинскиот пакет акции на АД ФК „Брегалница 2008“. Клубот останува сопственост на општината, која годишно издвојува значајна сума и е во интерес да најде стратешки инвеститор. Според завршната сметка на клубот за 2025 година, објавена на Македонска берза, „Брегалница“ годината ја завршила со загуба од 136.453 евра, што е значително зголемена во споредба со претходната година кога загубата изнесувала околу 93.082 евра.
Вкупни приходи од работењето се околу 332.800 евра, со намалување во однос на претходната година кога изнесувале околу 387.150 евра. „Брегалница“ речиси комплетно (99,7%) се финансира од субвенции, дотации, донации, премии и други надворешни финансиски инфузии, кои не се директно поврзани со редовната комерцијална продажба.







