Електронски алки и процена на полицаец за отстранување на насилникот од домот: Што носи предлог-законот за спречување и заштита од семејно насилство

Фото: Фрипик

 

Неопходно е семејното насилство да стане општествена тема и да има заеднички пристап на институциите, медиумите и граѓаните

Со законското решение се предвидува полициските службеници на терен да добијат овластувања за процена на ризикот, со цел побрза интервенција и заштита на жртвите. Предвидена е и примена на електронски алки.

Раст од над 70 проценти на пријавените настани поврзани со семејно насилство е регистриран во првите десет месеци од годината во споредба со истиот период лани. Во МВР годинава се пријавени 1.897 настани, од кои 95 проценти се однесуваат на телесна повреда при вршење семејно насилство и загрозување на безбедноста.

На брифинг со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска од МВР посочија и на раст од 50 проценти на бројот на поднесени кривични пријави. Во анализираниот десетмесечен период се поднесени 1.450 кривични пријави за 1.489 кривични дела.

Најголемо зголемување има кај пријавите за телесна повреда што се гони по службена должност, што, според МВР, се должи на зголемената свесност и довербата во полицијата за пријавување на ваквите кривични дела од страна на жртвите.

Прочитајте исто така: Не молчете, пријавете на 112 или 192! За девет месеци 1.337 кривични дела од семејно насилство

Од Министерството порачаа дека за постигнување максимален ефект, неопходно е семејното насилство да стане општествена тема и да има заеднички пристап на институциите, медиумите и граѓаните. Како пример го посочуваат проектот „Безбеден град“, кој, според нив, дал резултати поради промената на технологијата, законските мерки и зголемениот фокус на проблемот.

– Ова е општествен успех. Имаме подобрување затоа што се направи општествена тема и се подигна свесноста за безбедноста на сообраќајот – беше посочено на брифингот.

Министерот Тошковски порача дека е потребно во следниот период целото општество да стави максимален фокус на семејното насилство како општествено зло.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

– Јас сум убеден дека ако сите се фокусираме на ова зло, темната бројка ќе паѓа, а светлата ќе расте – рече Тошковски.

На брифингот беше информирано и дека предлог-законот за спречување и заштита од семејно насилство, на чија подготовка и унапредување се работело седум месеци, е усогласен во работна група и доставен до пратениците.

Со законското решение се предвидува полициските службеници на терен да добијат овластувања за процена на ризикот, со цел побрза интервенција и заштита на жртвите. Предвидена е и примена на електронски алки.

Една од новините е можноста полициски службеник на самото место да изрече усна наредба за 48-часовно отстранување на потенцијалниот сторител од домот, без оглед дали тој е сопственик на имотот.

Од МВР појаснуваат дека суштината на законските измени не е дека семејното насилство ќе исчезне, туку како институциите ќе реагираат и ќе ги заштитат жртвите.

– Или ќе имаме заеднички општествен одговор на ова зло и ќе имаме подобрување – МВР само ништо не прави, или сите активно ќе се вклучиме и ќе имаме промена – беше порачано на брифингот.

Според презентираните податоци, во првите десет месеци од годината има раст од 160 проценти на пријавите по брза постапка. Мерката притвор е определена за 163 сторители, што претставува зголемување од 270 проценти.

Мерки на претпазливост и итни мерки за отстранување на сторителот и забрана се изречени за 167 сторители.

Во анализираниот период се регистрирани 182 прекршоци со 221 пријавен сторител. Најголем дел, односно 55 проценти, е на подрачјето на СВР Скопје – 101 по што следуваат Куманово со 48 и Штип со 17.

Регистрирани се и 4.466 поплаки од 4.579 жртви.

Анализата на податоците за последните пет години покажува тренд на зголемување на кривичните дела поврзани со семејното насилство. Во овој период над 91 процент од сторителите се мажи.

Од вкупно 5.699 сторители, речиси 300 се жени. Од 5.890 жртви, 4.658 се жени.

Прочитајте исто така: Најмногу насилници во Скопје и Штип – За 70 процнти зголемено семејното насилство за разлика од мај лани

Во просек, во последните пет години годишно имало 100-ина деца до 17-годишна возраст жртви на семејно насилство.

Жените најчесто биле нападнати и повредени во својство на сопруги, а потоа како жени во вонбрачна заедница и мајки. Гледано по подрачја, речиси 20 проценти од случаите се регистрирани на подрачјето на СВР Скопје, а во другите сектори за внатрешни работи уделот е приближно 12 проценти.

Од МВР посочуваат дека сторителите најчесто употребуваат физичка сила и закани, а многу мал дел користат ладно или огнено оружје. Во однос на причините, кај најголем дел од сторителите се посочува растројство, помал дел се под дејство на алкохол, а многу мал број под дејство на наркотични средства.

Во периодот од 2021 до 2026 година регистрирани се вкупно 23.642 поплаки за семејно насилство. МИА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ